Градоначалникот на Крива Паланка: За 12.000 евра внесовме празнична радост кај граѓаните
Сашко Митовски, градоначалникот на Крива Палнака, кој деновиве е популарен во јавноста со новогодишното украсување на градот од североистокот, во емисијата „Студио 10“ утрово на ТВ24 рече дека целокупниот трошок чини само 12.000 евра
- Имав голема дилема дали да украсуваме, но за радоста на граѓаните нема цена. На мое лично задоволство, новогодишното украсување го направивме со општествено одговорни фирми на граѓани кои живеат надвор од нашите граници. Висината е само 12.000 евра, рече Митовски.
Тој рече дека за вечерта на 31 декември не е планиран дочек на новата 2023, но од 26 декември градот ќе организира културно-забавна програма. Же настапуваат Влатко Лозановски, Некст Тајм, Слаткар , Дајте Музика.
- Се виде во целото ова сивило колку им е потребна трошка радост на луѓето, по сите овие кризи. Плоштадот е преполн со насмеани лица, а тоа чувство е неописливо и расположението е подруго.
Ќе имаме и новогодишна културно забавна програма, новогодишен базар од 26 до 31 декември . Ќе имаме одлична понуда и што да се види со настап на македонски артисти, додаде Митовски.
Вели дека очекува туристи и од соседна Бугарија, бидејќи самиот се уверил дека во Ќустендил во соседна Бугарија нема новогодишно украсување.
- Променет е ликот на Крива Паланка, лани беа направени градскиот парк и градскиот плоштад, а впечатлива е хигиената на градот и уредените зелени површини.
Позади нас имаме успешна година со 60 милиони денари инветсирани за локални патишта, што е супер податок како за мала општина, изјави меѓудругото градоначалникот и од проектите што се реализирани оваа година ги издвои новиот објект на детската градинка „Детелинка“, обновувањето на кино салата во центарот „Култура“ и уредувањето на речното корито на Крива Река. Дополни дека само овој месец ќе бидат засадени 500 јавори.
Митовски очекува од централната власт следната година да ја заврши реконструкцијата на патот кон Деве Баир и додаде дека во Крива Паланка има постојано отворени работни места и добри плати, но дека трендот на мигрирање, за жал, е неизбежен.
