Градоначалникот Марин ќе наградува новинари, ЗНМ обвинува за поткуп
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на јавниот повик на Општина Аеродром за новинарски натпревар со кој општината на наградените новинари односно медиуми ќе додели три награди во вкупна вредност од 180.000 денари, соопштуваат од ЗНМ.
Инаку на огласот се повикуваат активни новинари и медиумски куќи да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.
„Ваквата пракса преку која општината парично наградува новинари може погрешно да биде толкувана во јавноста дека преставува поткуп со јавни пари да се влијае на медиумски содржини поврзани со работата на Општина Аеродром. Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес. Потсетуваме дека новинарите и медиумите имаат единствена нужност од транспарентна и отворена комуникација од сите институции на локално ниво како основен принцип во полза на интересот на јавноста. Следствено на тоа, мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините преставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена, стои во соопштението.
ЗНМ затоа ја повикува општина Аеродром веднаш да го повлече овој повик, со цел да не се влијае на објективното новинарство и дополнително да поттикне несакани механизми за нарушување на кревкиот медиумски пазар.
Крајниот рок за испраќање на новинарските производи е 30 април, додека објавувањето на победниците е најавено да се одржи на 9 мај, Денот на Европа.
На овој конкурс реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
„Златко Марин, градоначалникот на Аеродром нема проекти ама му текнало да подмитува новинари, со конкурс во кој што би го фалеле колку е паметен и убав и како фино би било тој или СДСМ да останат уште четири години на власт. Тоа што нема гимназија, а се удави општината во бетон и смог, тоа нема врска. Важно Златко Марин и Советот на Аеродром воден од неговите кумски врски се досетиле како да ги подмитат новинарите и медиумите најмалку два месеци да пишуваат се најдобро за нив, и за тоа нудат пари- за новинарскиот свет- многу пари! Златко Марин и неговиот совет распишале јавен повик за натпревар на новинарско медиумски дела за тоа кој најмногу ќе им ја фали предизборната кампања, онаа со европско знаменце, и да, онаа која што се предвидуваат голф терени во Лисиче! Марин нуди 90. 000, 60. 000 и 30.000 денари, три награди за тоа кој новинар најубаво ќе го испофали во рок од два месеци! Ако не верувате одете на општинската интернет страница“, реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
