ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ КНИГА КАКО „ЧЕК ЛИСТА“: Перински вели дека локалната самоуправа ќе има целосна поддршка од владата
Оваа влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти кои ги добивме како инпут од самите локални самоуправи. Токму тоа е она за кое и вчера говоревме, сакавме да ги мотивираме градоначалниците и општинската администрација да креира проекти кои ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и согласно тоа да испорачаме средства од централниот буџет истите да се реализираат, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински на политичкиот саем на ВМРО-ДПМНЕ, на кој втор ден отчет даваат градоначалниците од оваа партија.
„Во првиот јавен повик имаме 288 проекти кои што се влезени во рамка на финансирање. Во вториот јавен повик, веќе се склучени договори за 828 проекти, бројка од приближно 1200 проекти кои се ефектуираат на терен. Од првиот повик, 137 проекти се завршени. Проектите го гледаат светлото на денот. 138 проекти се веќе во завршна фаза, а остануваат два проекти, од кои за еден од нив, се повторува јавната набавка. И останува една општина која се уште го нема тендерирано проектот. Од таа општина добивме објаснување дека се чекаат средствата и од вториот повик, за да се заврши проектот во целост. Реализацијата е соодветно позиционирана од страна на градоначалниците и можам да кажам дека Македонија е едно големо градилиште“, рече Перински.
Според него, биле детектирани сите предизвици на градоначалниците, без разлика од која политичка партија доаѓаат.
„На минатата седница на влада донесовме одлука за формирање на ресурсен центар, кој треба да им даде техничка и експертска поддршка на градоначалниците. Замислете колку ќе биде олеснување за еден градоначалник, кога ќе седне првиот работен ден на своето биро, да види пред себе книга, како чек листа, кои се најбитните моменти на кои треба да обрне внимание, прво при примо-предавањето на функцијата, второ во отварање и започнување на процесите. Ќе им ставиме на располагање експерти од сите надлежности на градоначалникот, значи ќе имаат целосна поддршка од страна на владата“, додаде Перински.
Тој додаде дека се гледаат проекти, што е важно за граѓаните да го гледаат тоа.