Економија, финансии, бизнис

Контакт

Градинките во Центар поскапеа, родителите сега ќе плаќаат 2.200 денари месечно

Градинките во Центар поскапеа, родителите сега ќе плаќаат 2.200 денари месечно

Родителите на децата згрижени во општинските градинки во Центар од вчера плаќаат повисока цена за престој, откако месечниот надомест се зголеми за 47,6 отсто.

Цената е покачена за 710 денари, па наместо досегашните 1.490 денари, сега изнесува 2.200 денари месечно.

Одлуката ја донесе Советот на Општина Центар на последната седница, при што против гласаа советниците од Левица. Тие оценија дека, иако е оправдано зголемување на средствата за градинките, товарот не треба да паѓа врз родителите.

  • - Можеби 2.200 денари за некого не се многу, но ако едно семејство има две деца во градинка, трошокот се удвојува, што е сериозен товар во услови на ниски плати – посочија од Левица.

Од градинките веќе ги известиле родителите за новата цена, при што оние кои нема да ја прифатат ќе треба да ги отпишат децата.

Во известувањето се наведува дека ќе се изготви анекс на договорот за користење на услугите, кој родителите треба да го потпишат во рок од 30 дена. Во спротивно, тие имаат право да поднесат изјава за раскин на договорот и да го отпишат детето, доколку ги подмириле обврските кон градинката, најдоцна во рок од 15 дена.

Во дел од скопските општини цените веќе беа зголемени. Во Карпош ваква одлука е донесена пред повеќе од една година, кога цената беше покачена за 500 денари, по иницијатива на директорките на градинките поради растот на трошоците за храна.

Фото: Пекселс

Слично

Поврзани вести