„ГРАД СКОПЈЕ СОГЛАСНО ЗАКОН ЕДИНСТВЕНА ОД 81 ОПШТИНА НЕМА ГРАДЕЖНА ИНСПЕКЦИЈА“: градоначалничката до министерот Николоски
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со остра и директна објава на социјалните мрежи му возврати на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, откако тој во Собранието ја обвини дека прави „спектакли“ од урбанистичкиот хаос во главниот град и тврдi дека надлежноста за справување со дивоградбите, вклучително и случајот со „Вики ресорт“ на Водно, е на Град Скопје и соодветната градежна инспекција.
Во својот јавен одговор, Арсовска го нарече Николоски „неписмен“ и го обвини за непознавање на законската рамка, потенцирајќи дека Градот Скопје, за разлика од останатите општини, нема сопствена градежна инспекција, што, како што вели, е утврдено со закон.
- Ќе му пише ли некој на неписмениов што глуми министер дека Град Скопје СОГЛАСНО ЗАКОН е единствена од 81 општина што НЕМА ГРАДЕЖНА ИНСПЕКЦИЈА (пак да потенцирам за неписмениов – аман, така е утврдено со закон) - напиша Арсовска.
Таа додаде дека единствен надлежен орган во вакви случаи е Државниот инспекторат за градежништво, кој е под надлежност на Министерството што го води токму Николоски.
- Има ли некој од неговите 500 партиски експерти… да му каже дека негов орган е Државниот инспекторат за градежништво? - дополни градоначалничката.
Арсовска исто така потсети дека МВР неодамна поднесе кривични пријави за дивоградби во Делчево и Македонска Каменица, со што, според неа, се потврдува дека институциите можат да постапуваат кога сакаат, но во Скопје, каде вели, владее политичка калкулација и партиски интереси.
- Среќа Чаир не е во источна Македонија, бидејќи само во Скопје овие циркузантиве што си играат државници немаат ингеренции за ништо - напиша Арсовска.
Потоа потенцираше: „За да го рушиш Вики, господине министер, треба нешто повеќе од пари и партија, треба интегритет и храброст, што ти ги немаш!“, заврши таа.
Објавата на Арсовска ви ја пренесуваме во целост:
Во текот на вчерашниот ден министерот за транспорт и врски посочи дека министерството има надлежност да постапува само за градби од А категорија, а за градбите за кои говори секојдневно градоначалничката од Град Скопје надлежен е Градот.
Николоски ги оцени настапите на градоначалничката Данела Арсовска како спектакли, посочувајќи дека како градска власт има право да постапи доколку се утврди дека одредени објекти се дивоградби.
- Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават спектакли, нека излезат со градежна инспекција и нека утврдат. Доколку има дивоградби, истите треба да се срушат. Доколку не сака да ги сруши инвеститорот, треба градот да распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да ги сруши, а потоа трошоците паѓаат на товар на оној кој бесправно градел.
И да поднесе сооветна пријава до надлежното обвинителство и кривично да се одговара, а целокупниот имот доколку е изграден на земјиште на Република Македонија, затоа што има и такви индиции што се изнесуваат во јавноста, се конфискува. Како што сме сведоци ништо од ова нема направено градоначалникот на Град Скопје. Напротив секој ден спектакли во јавност, а ниедно од правните дејствија не се направени што може да не носи до други заклучоци дали позадината е мотвирана од политичката партија ДУИ и од одредени релации што градоначалничката ги има со високи функционери на ДУИ, рече Николоски.
