Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРАД СКОПЈЕ СЕ ПРАВДА: Лошо паркирани возила во Центар сметале за чистење на сметот

ГРАД СКОПЈЕ СЕ ПРАВДА: Лошо паркирани возила во Центар сметале за чистење на сметот

Обвинувања и реакции на истите. Позната работа кога се во прашање надлежните институции и оние кои управуваат со парите на граѓаните.

Нечистотата и реакциите на граѓаните им се слаба точка посебно кога ќе се упатат критики на оние кои се задолжени за одржување на сметот и ѓубрето во главниот град.

Откако медиумите , меѓу кои и Фактор ги искритикува надлежните од Град Скопје и општина Центар, стигнаа реакциите и правдањата. Топката се фрла од една страна на друга како и вообичаено.

Жерновски кој е на чело на Општина Центар беше побрз и прв се јави со оправдување. Тој вели дека контејнерите се во надлежност на град Скопје и дека и тој е гневен на колегите од Град Скопје, бидејќи и покрај многуте апели и барања до градоначалникот Коце Трајановски, не се презема ништо, а состојбата е катастрофална.

„Веќе се сомневам дека од страна на “Комунална хигиена” намерно не се чисти во општина Центар, за да се создаде впечаток дека виновна за тоа е општината, а не Град Скопје. Од градоначалникот Трајановски добив одговор дека така е и во другите општини, што не е ниту оправдување, ниту пак со ова се согласуваме. Затоа, општина Центар е подготвена надлежноста за контејнерите да ја преземе во свои раце“, вели Жерновски.

Контра реакција од град Скопје

Од кабинетот на таткото на Скопје велат дека собирањето на комуналниот смет е надлежност на Град Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и тоа се врши редовно според однапред утврдена динамика.

Оттаму пак прстот го вперија во општина центар правдајќи се дека возилата на ЈП „Комунална хигиена“ немаат пристап и се спречени да дојдат до контејнерите за да го соберат сметот, пред се поради големиот број на погрешно паркирани возила кои ги блокираат пристапите.

За изјавата на Жерновски, Коце Трајановски вели дека е неточна и дека истите не ја отсликуваат реалната слика на терен, бидејќи во истите Жерновски воопшто не ги споменува условите кои треба Општината Центар да ги обезбеди за ЈП „Комунална хигиена“ да може беспречено да го собира комуналниот смет. 

Од град Скопје го повикаа  Жерновски и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ да си ги извршат нивните должности и да го решат хаосот со паркирање на возила на овие локации, со што би се создале основни услови за ЈП „Комунална хигиена“ да може да ја врши својата работа.

„Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ се соочуваат со големи предизвици и потешкотии при собирањето на сметот на овие локации, а честопати, поради состојбата на терен, тоа мора да го прават и рачно“, се правдаат од кабинетот на Трајановски.

Како и да е, колку и да се префрла топката, вината е подеднаква од сите, а тука се и граѓаните, оние несовесни.

Веруваме дека ги има многу такви кои се невнимателни во однос на фрлањето на ѓубре, сепак сликата која им ја оставаме на туристите, како што пишувавме не е убава.

Преполнетите и искршени контејнери, растуреното ѓубре околу нив, расфрлена покуќнина сето тоа боде очи.

Можеби комуналните работници не чистат доволно, можеби се бавни или им недостасуваат метли? А можеби недостига работна рака? Не е ни важно, оти факт е дека Скопје е нечист град, а Скопјани, барем според културата на живеење, се многу далеку од Европа.

Слично

Поврзани вести