Град Скопје ќе купува камери за преноси во живо од седниците на Советот
Советот на Град Скопје ќе одлучува за набавка на техничка опрема за реализација на видео пренос на седниците на Советот на Град Скопје во живо, на наредната седница, која што ќе се одржи во четврток, соопштија оттаму.
„Со ова ќе започне процесот на создавање услови за пренесување на седниците на Советот на Град Скопје во живо, активност која има за цел да ја зголеми информираноста на граѓаните за работата на ова тело, како и за зголемување на транспарентноста во работењето на Град Скопје, стои во соопштението.
Градот ќе набави три професионални видео камери, осветлување, компјутерска опрема и останата техничка опрема.
Преносите треба да се реализираат на официјалната веб - страница на Град Скопје, како и на официјалните страници, канали и профили на Град Скопје на социјалните Интернет мрежи и медиуми.
