Град Скопје и Кисела Вода чекаат еден од друг за расчистување на хаваријата во Пинтија
Град Скопје бара од Кисела Вода, а Кисела Вода бара од Град Скопје да го расчисти улјето што се излеа од фабрика за стиропор во скопска Пинтија и стаса до булеварот Борис Трајковски.
„Во текот на денешниот ден во нас. Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
На лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата. За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот.
И покрај инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес.
За овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода апелираме до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и до ресорното Министерство со цел соодветно санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата“, побара градоначалничката на Скопје, данела Арсовска.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски синоќа пак го повика Град Скопје да постапи по еколошката хаварија во Пинтија.
„Објект за производство на стиропор во Пинтија, со елаборат за заштита на животната средина издаден и одобрен од страна на Градот Скопје на 31.12.2021 година со број 08-10300/4, поради истекување хемикалии користени за потребите на производството, во текот на денешниот ден направи хаварија во овој дел на општината. Граѓаните немаат причина за вознемиреност зашто Општината ги презеде сите мерки за заштита. Од наша страна, иако не е во рамки на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и констатираа протекување на хемикалии од вентил при дефект, кои се користеле за производството“, објави градоначалникот Ѓоргиевски на Фејсбук.
Веќе постапува Инспекторатот за животна средина кој е надлежен за терен и спроведување казни, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во врска со хаваријата во населбата Пинтија.
На новинарско прашање што е преземено во врска со работењето на фирмата, Меџити денеска упати на информации кај раководителот на Инспекторатот кој сега функционира во рамки на Министерството.

