Економија, финансии, бизнис

Контакт

Град Скопје го врати слоганот на Тито

Град Скопје го врати слоганот на Тито

Не е заборавена поддршката што пред 55 години нашиот град ја доби од целиот свет. Ова нека биде добра прилика да покажеме дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина, истакна синоќа градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во Музејот на Град Скопје каде што беше откриена пораката на Јосип Броз Тито со нови букви, која по 17 години повторно е вратена на фасадата на Музејот.

Се работи за изјава која претседателот на СФРЈ ја кажал на 27 јули 1963, ден по катастрофалниот земјотрес, и која гласи: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“ Пораката стоеше на источниот ѕид на Музејот од 1974 до 2001 година.

Со откривањето на возобновената порака, Град Скопје ја почна четиридневната манифестација „Зборува Скопје“ во сеќавање на 55 години од земјотресот.

Пред скопјани што вечерва присуствуваа на настанот, настапија Градскиот хор „Вардар“ и децата од „Златно славејче“ кои пуштија 1.070 бели балони во чест и во спомен на исто толку жртви кои ги загубиле животите во катастрофата во 1963 година. Најмладите упатија ветувачка порака дека ќе го сакаат и чуваат Скопје.


Слично

Поврзани вести