Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРАД СКОПЈЕ: Електронските билети во автобусите ќе бидат воведени за девет месеци

ГРАД СКОПЈЕ: Електронските билети во автобусите ќе бидат воведени за девет месеци
За девет месеци стартува системот за електронска наплата на билетите во јавниот градски превоз во Скопје, најавуваат градските власти. Превозот ќе се плаќа со електронски картички, но и преку мобилен телефон. Надлежните очекуваат на овој начин да се зголеми прометот, да се намали времето на чекање на корисниците, како и да понуди единствен билет кој ќе може да се користи како во јавните, така и во приватните автобуси. Таканаречените „паметни“ картички граѓаните ќе ги надополнуваат со онолку кредит колку што сакаат, а при влегувањето во автобус само ќе треба да ја допрат картичката до „читач“ за да го платат возењето. Проектот вреден три милиони евра, што ќе го имплементира компанијата „Т-Мобиле“, целосно е финансиран од Градот Скопје. Новина е тоа што парите од наплатата преку овој систем сега ќе одат во градската каса, а Градот ќе им плаќа на ЈСП и на двете здруженија на приватни превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ според изминат километар. „Околу 500 автобуси ќе бидат опремени со системот за следење на наплата, 300 од нив ќе бидат од јавниот сообраќаен превоз, а останатите од приватните превезоници, односно од Слобода превоз и Мак експрес“, вели градоначалникот Коце Трајановски. Освен ова, автобусите ќе се следат преку сателит во реално време, при што патниците на автобуските стојалишта автоматски ќе добиваат информации за колку време ќе стаса автобусот што го чекаат. „Во моментот системот за наплата на ЈСП е пред колапс. Речиси секој ден имаме минимум по 20 расипани наплатни пунктови. Дел од проектот за набавка на сиситем за автоматска локација на возила и за електронска наплата на билети, го решава овој голем проект. Модерен систем на наплата кој ќе овозможи во секое време да се знае бројот на патниците. Системот гарантирано ќе го покачи и  прометот во автобусите барем 10 отсто“, вели директорот на ЈСП Мишо Николов.
Слично

Поврзани вести