Готвачка на МВР не доаѓала на работа, а добивала плата
МВР поднесе кривична пријава против С.М. за „злоупотреба на службена положба и овластувања“ како управник на одморалиште на МВР во Охрид, кој во периодот од 02.02.2025 до 05.02.2025 и од 21.05.2025 до 26.05.2025 евидентирал дека вработената Ј.И. - готвачка во одморалиштето доаѓала на работа и извршувала работни активности, иако таа била надвор од границите на државата.
„Пријавениот, исто така, во периодот од 28.05.2025 до 30.11.2025 евидентирал дека вработената Ј.И. користи боледување, иако од матичен лекар не ѝ биле издадени обрасци за привремена спреченост од работа“, објави МВР.
Готвачката со тоа противправно се стекнала со приходи во висина од 253.834 денари, износ за кој е оштетен буџетот на Министерството за внатрешни работи.
„Одделот за внатрешна контрола против двајцата поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина, додека против С.М. изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, а против J.И. изрече задолжителна мерка за поведување на постапка за надомест на настанатата штета“, обзнани министерството.
