ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА: Владата мора во секој момент да докажува дека има 61 пратеник, инаку е нелегитимна
Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова вчера, гостувајќи во емисијата Само интервју на Канал 5 телевизија, истакна дека правно Владата е должна во секој момент да докажува дека има мнозинство од 61 пратеник, во спротивно не е легитимна.
„Владата мора во секој момент да докажува дека има мнозинство од 61 пратеник, зошто инаку не е легитимна. Ова во науката се нарекува ‚Интерегнум', ние така ги учиме студентите“, вели Силјановска.
Таа, во однос на најавената оставка на Заев, посочи дека нема таков институт во уставното и парламентарното право „ќе си даде оставка“, оставката се дава и си заминувате, бидејќи е тоа лично и морално право, не постои отповиклива оставка, тоа е непознато, а ова што се случува сега не е демократски процес затоа што нема власта легитимитет затоа што не покажала, објасни професорката Силјановска.
„Сега читам деновиве дека се разговара за промена на владината програма, а теоријата на мандат вели дека Владата може да го спроведува само она за кое добила согласност од граѓаните на изборите, како тоа сега ќе ја дополнуваат програмата, а сега се разговара за вработувања и за функционерски места што е типично пазарење, а ние ако не посегнеме по стручноста и компетентноста и не престанеме со ваквиот начин да ја регрутираме бирократијата ние кога ќе почнеме преговори ќе почнеме со скршен костур на државата, нашата администрација која е наша најголема слабост“, вели Силјановска.
