Гордана Силјановска Давкова: За македонската армија треба да се издвојува 2 отсто од БДП
Гордана Силјановска Давкова на еден од своите профили на Фејсбук објави дека ќе се залага за модернизацијата на македонската армија да се трошат два отсто од бруто-домашниот производ доколку биде избрана за претседател на Македонија на 5 мај. Оваа заложба се совпаѓа со доктрината на НАТО секоја земја-членка на Алијансата да издвојува по исто толкав процент од националниот БДП за вооружените сили.
„Драги мои, за остварување на мисијата и силна Армија потребен е зголемен и одржлив буџет од минимум 2% од БДП за модернизација, логистика и распоредливост на сили имајќи предвид и на потребите за повисок стандард и плати на воениот и цивилниот персонал. Како активна претседателка секоја година ќе се вклучам во буџетската дебата со цел да обезбедам повеќе финансии за модернизација на армијата.
Одржувањето на висок морал, дисциплина и чувството за патриотизам се основни елементи за изградба на воени лидери чија стручност и посветеност за решавање на проблеми се повеќе од потребни за предизвиците со кои се соочуваме сега и во иднина“, напиша Силјановска.
Додаде дека ќе се залага за обезбедување на сигурна иднина на припадниците на АРМ и дека ќе се посвети на одбраната на интернет (cyber defence); жени, мир и безбедност.
„Ќе се заложам да се изнајдат начини и да се заживее наменската индустрија по НАТО стандарди, но ќе се заложам и за формирање на фонд во рамките на АРМ со цел поттикнување на иновациите во одбраната на Републиката. Особено внимание ќе посветам на предизвикот за подигнување на безбедносната култура, јакнење на патриотизмот и чувството на припадност за одбрана на мултиетничка и мултирелигиска Македонија“, вели Силјановска во дел од напишаното.
