Горан Сугарески: Во 2012 не исфрлија од Собрание поради буџетот, а сега со амандмани блокираат работа во кризна состојба
Поранешниот министер за транспорт и врски и поранешен пратеник Горан Сугарески ги повика опозициските партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, да ги повлечат 3.000-те амандмани во Собранието, за д аможе истото да работи за време на кризна состојна.
Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива поднесоа 3.000 амандмани во Собранието за да ја блокираат промената на Деловникот со која заболените пратеници од Ковид-19 и оние кои се во изолација треба да гласаат и да учествуваат онлајн на седниците. На овој начин опозицијата сака да ја затрупа собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања, која треба да расправа за онлајн работата на Собранието.
„Нешто за двојните аршини на ДПМНЕ! На “црниот понеделник”, 24 декември 2012, новинарите и ние опозициските пратеници бевме насилно исфрлени од Македонското Собрание, со обвинување од режимот на Груевски дека го блокираме Буџетот за 2013 и со тоа наводно тогаш сме ги ставиле во ризик платите, пензиите, социјалните трансфери, земјоделските субвенции....ајде лажни патриотчиња кажете и на јавноста, дека сега вие со илјадници амандмани на Деловникот опструирате функционирање на законодавната власт во кризна состојба кога се справуваме со страшна светска пандемија! Заради вашето инаетење токму вие блокирате носење на најважните Закони за помош на граѓаните и економијата! Не ја потценувајте интелегенцијата на граѓаните, тие паметат и никогаш нема да ви го простат овој недостаток на чувство и проценка дека одредени прашања се од витален национален интерес и ја надминуваат вообичаената дневната политичка пресметка меѓу позиција и опозиција!“, гласи повикот на Сугарески на социјалните мрежи.
ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе 1350, Алијанса и Алтернатива околу 300, а Левица околу 1400 амандмани, бидејќи како што гласи нивното објаснување, сметаат дека тоа може да доведе до злоупотреба на системот во време кога пред пратениците можат да се најдат клучни Закони или документи за гласање.
Според измените на собранискиот Деловник за работа кои ги предложи спикерот Талат Џафери, пратениците кои се во изолација поради Ковид може да гласаат од дома. Предлагачот на измените вели дека тие треба да се донесат за непречено функционирање на Собранието.
