Горан Николовски: Исправени сме пред тежок предизвик за создавање департизирана и независна УБК
Новиот директор Горан Николовски ја презентираше мисијата и визијата на УБК кои како што вели ќе не водат на патот кон создавање нова служба согласно европските стандарди.
Николовски посочува дека директорското место го наследува во време кога сликата за УБК е нарушена а верува дека со заеднички напори ќе успее да ја промени лошата перцепција која во јавноста е негативна.
„На оваа позиција доаѓам во време кога сликата за УБК е нарушена и перцепцијата на јавноста е негативна, а со тоа и за сите нејзини припадници. Состојба која значи перманентна критика како од јавноста, така и од меѓународната заедница. Но уверен сум дека со заеднички напори ќе успееме да ја промениме досегашната слика за УБК. Затоа сите ние, треба заедно да покажеме дека можеме и знаеме како УБК да ја врати почитта, професионалноста за која сите ние со децении се залагаме.
Случаите на непрофесионалност и злоупотреба треба да бидат минато, свесен сум дека пред нас е период на големи предизвици и реформи, кои најнапред ќе значат инвестиција во самите себе, а на тој начин ќе создадеме служба на здрави основи, која ќе биде подготвена да одговори на сите современи безбедносни закани и ризици создавајќи поволен амбиент за просперитет на нашата држава и нашите граѓани“, вели директорот во првото обраќање.
Тој посочува дека е свесен за предизвикот пред кој стои и дека покрај тоа што е сериозен и тежок, е убеден дека успешно ќе го надмине.
„Нè очекува напорен период кој ќе бара сериозна посветеност и висок професионализам на сите припадници, период во кој нема да има простор за компромиси. Поради тоа, ја барам вашата поддршка и ве поттикнувам на професионално и тимско работење, иницијативност и креативност што е основен услов и гаранција за успех“, посочува Николовски додавајќи дека заеднички успех ќе биде создавањето на департизирана, модерна, независна, професионална, добро опремена, обучена и ефикасна Служба, во согласност со европските стандарди и под демократска контрола.
„Нашиот приоритет треба да биде создавање безбедна држава за нашите граѓани преку почитување на демократските вредности и човековите права, а единствено на тој начин ќе го вратиме угледот на службата како респектиран и сериозен партнер во меѓународната безбедносно разузнавачка заедница, која ќе биде достојна за почит и со која сите ќе се гордееме“, изјави Николовски.
Тој вели дека е подготвен да ги слушне сите сугестии, забелешки, коментари, проблеми, иницијативи, мислења кои би биле во насока на подобрување на нашето работење и изнаоѓање најсоодветни заеднички решенија.
