ГОЛЕМИТЕ ЖЕЛБИ НА ДУИ - коалиционите партнери не се штедат
Од коалициони партнери со кои уште ја делат Владата, до буквално скарани партии, во својата битка за поен повеќе кај гласачкото тело. ДУИ и СДСМ деновиве не штедат на арсенал во политичкото препукување.
Интегративците и денеска продолжија со својата нападна реторика во инсистирањето дека е дојдено време за етнички Албанец да биде премиер на земјава.
„Сите знаат дека тоа што ќе го науми ДУИ, ќе го оствари“, рече пратеникот Артан Груби во своето гостување во вестите на телевизја Сител, во контекст на најавата на партискиот лидер Али Ахмети, дека на следните избори Македонија ќе го добие првиот Албанец премиер. Груби истакна дека Зоран Заев не победи на изборите во 2016 година, но дека ДУИ му помогнала консензуално да седне во премиерската фотелја и токму поради оваа причина е убеден дека Македонија ќе има Албанец премиер.
„Првиот претседател на Собрание Албанец во нашата држава ги немаше потребните 61 глас само од страна на ДУИ, туку мораше консензуално да се донесе одлука за да поддржиме личност како господинот Џафери за претседател на Собранието. Исто така господинот Зоран Заев не ги победи изборите во 2016-та година туку имаше 49 пратеници и мораше да направи консензус со другите политички партии за да го добие мандатот за претседател на Владата. Затоа со консензуалната политика која што ја наметнавме при претседателските избори и при локалните последните избори сметаме дека таа консензуалност ќе надвладее и ќе успееме да имаме прв Албанец премиер“, нагласи Груби.
Претходно, лидерот на СДСМ Зоран Заев, многу јасно и децидно му порача на Ахмети дека во нашата земја мандатар за претседател на Влада може да биде секој граѓанин кој ќе обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник. Според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат. „Доколу СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години. Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада“, беше многу прецизен Заев.
