Економија, финансии, бизнис

Контакт

Голема борба за да се сопре огнената стихија на Скопска Црна Гора

Голема борба за да се сопре огнената стихија на Скопска Црна Гора

Екипите на Дирекцијата за заштита и спасување како и на противпожарните бригади поради неповолните временски услови со силен ветар и тешко пристапниот терен имаа проблеми во гасењето на пожарот кој беснее на Скопска Црна Гора, а најактивните жаришта се помеѓу селата Раштак и Булачани. 

Сафатена е голема површина на сува трева и дрва, информира утринава за Курир командирот на скопската противпожарна бригада, Ѕвонко Томевски. Во гасењето на пожарите се активирани голем број на екипи, а се употребени и „тракторите“ за фрлање вода по воздушен пат. 

- 30 луѓе активно се на терен, а зафатени се околу 500 хектари површина. Пожарот се шири на три страни, но нема опасност за куќите во селото. Очекуваме поддршка и од воздух и сме во комуникација и координација со Дирекцијата за заштита и спасување, вели Томевски за Курир.

Од МВР информираат дека пожарот кај нив бил пријавен вчера околу 13:30 часот на местото викано Кашлица, атар на село Булачани. Според информациите со кои располага Министерството во пожарот зафатени било едно бачило и една викендица.

Во меѓувреме пожари избија и на повеќе места во Скопје, како и на Голак. Вчера попладне таму почнала да гори борова шума, а состојбата таму е критична бидејќи пожарот е потпален од неколку страни и се проширил и кон Пехчево и Берово. Пламени јазли имаше и во Вевчани.


Слично

Поврзани вести