Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ГОГА, ШТРКОТ И ГОЛИОТ ЦАР“: Екс министерот за надворешни работи, Жерновски, со критики за настапот на претседателката во Дубаи

„ГОГА, ШТРКОТ И ГОЛИОТ ЦАР“: Екс министерот за надворешни работи, Жерновски,  со критики за настапот на претседателката во Дубаи

Екс министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, постојано ја следи работата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Силјановска Давкова при посета на други земји.

Овој пат тој се осврна на посетата на претседателката на Дубаи, каде според пишувањата на медиумите таа рекла дека нејзиното презиме потекнува од приказната за Силјан Штрокот.
„Настапот на претседателката на Глобалниот форум во Дубаи, благодарејќи на кој дознавме дека нејзиното презиме потекнува од Силјан Штркот и дека штрковите всушност не носат бебиња, кај многумина предизвика едно чувство што тешко може да се игнорира.

Проблемот не е во народните приказни. Тие се дел од нашиот културен идентитет и колективна меморија. Проблемот е моментот, местото и контекстот. Кога претседател на држава одлучува на меѓународна сцена да раскажува анегдоти, наместо да испрати порака со политичка тежина, тогаш приказната станува алегорија – но не онаа што таа ја избрала.

По сите нејзини досегашни настапи и гафови, кои веќе не се ни добројуваат, никако да се оттргнеме од впечатокот дека нејзиниот мандат не нè потсетува на „Силјан Штркот“, туку на една друга позната приказна – „Царевата нова облека“.

Во таа приказна, царот не е исмејуван затоа што е гол, туку затоа што сите околу него се преправаат дека не го гледаат очигледното. Аплаузот е гласен, уверувањата се сериозни, а реалноста – сосема спротивна. Слично е и денес: секој нов настап безуспешно се претставува како „оригинален“, „освежувачки“ или „автентичен“, додека јавноста со наведната глава гледа дека државата го губи авторитетот и кредибилитетот.

Ова не е личен напад, туку јавна констатација. Претседателската функција не бара шарм, особено не таму каде што го нема, туку свесност. Бара одговорност.

Државата не се претставува на меѓународна сцена со лажни приказни за потеклото на презимето или просветлувања за тоа што (не) носат штрковите, туку за да се каже што носиме ние – како држава, како политика, како визија. Ако воопшто ја имаме. А кога тоа недостасува, тогаш и најдобрата приказна станува потсетник дека царот е гол, а државата заслужува многу повеќе од аплауз за гафови“, напиша тој.


Слично

Поврзани вести