Годинава повеќе продолжени викенди од 2016 година
Оваа година ќе имаме повеќе продолжени викенди од лани.
Од вкупно 11 неработни денови за сите граѓани, седум се поврзуваат со викендот, за разлика од минатата година кога имаше само три празници поврзани со викенд.
Првиот продолжен викенд граѓаните ќе го имаат веднаш по дочекот на Нова година, затоа што 1 јануари е во недела и се префрла во понеделник.
Слична е ситуацијата и со големиот христијански празник Велигден кој годинава како неработен е на 17 април и со Денот на трудот – 1 Мај. Двата празника се паѓаат во понеделник.
Продолжен викенд за сите граѓани ќе има и во јуни кога се празнува Рамазан Бајрам. Тој се паѓа во недела на 25 јуни, и се префрла во понеделник.
8 Септември – Денот на независноста и 8 Декември – „Св. Климент Охридски“ се во петок, а уште еден продолжен викенд има при крајот на годината затоа што Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври е во понеделник.
Неработни за сите граѓани се и 24 мај – Денот на сесловенските просветители, 2 август – Денот на Републиката и Денот на народното востание – 11 октомври, кои годинава се во среда.
Граѓаните од православна вероисповед најмногу ќе одмараат за големиот христијански празник Велигден бидејќи за нив освен понеделникот – 17 април, неработен ќе биде и петокот – 14 април. Продолжени викенди православните верници ќе имаат и за Бадник на 6 јануари – петок, за Духовден на 2 јуни – петок и за Успение на пресвета Богородица, кој годинава е во понеделник. Како неработен ден за православните верници е и Богојавление – Водици, кој е во четврток.
Годинава, православниот Велигден е во исти ден со католичкиот Велигден така што и верниците од католичка вероисповед ќе празнуваат на 17 април – понеделник. Граѓаните од католичка вероисповед ќе имаат уште еден продолжен викенд за католичкиот Божик, кој годинава е во понеделник. За католиците неработен е и Празникот на сите светци – 1 ноември кој ќе се слави во среда.
Муслиманските верници ќе имаат продолжен викенд за Курбан Бајрам кој е на 1 септември во петок, додека албанската заедница ќе го слават како неработен ден и 22 ноември – Денот на албанската азбука, кој е во среда.
Припадниците на српската заедница годинава ќе имаат продолжен викенд за празникот Свети Сава кој е во петок на 27 јануари. Ромите ќе го слават Меѓународниот ден на Ромите во сабота на 8 април. Припадниците на влашката заедница ќе празнуваат на 23 мај за Националниот ден на Власите, кој е во вторник.
За Еврејската заедница во Македонија неработен е првиот ден на Јом Кипур на 30 септември во сабота, додека Бошњачката заедница ќе го празнува 28 септември – четврток односно Меѓународниот ден на Бошњаците. Неработен ден за припадниците на турската заедница е Денот на наставата на турски јазик на 21 декември.
