Економија, финансии, бизнис

Контакт

Годинава МВР со преку 100.000 казни, возачите што брзаат и оние без дозвола најмногу го полнат буџетот

Годинава МВР со преку 100.000 казни, возачите што брзаат и оние без дозвола најмногу го полнат буџетот

Министерството за внатрешни работи во првата половина од годинава изрекла вкупно 117.475 казни за сообраќајни прекршоци. Ова е бројката до која „Фактор“ дојде по интензивните контролни акции што ги спроведува сообраќајната полиција на територијата на целата земја, а за кои секојдневно читаме дека има стотици нови санкционирани возачи и други учесници во сообраќајот.

„Во периодот од 01.01.2021 година до 30.06.2021 година изречени се 117.475 прекршочни платни налози на учесници во патниот сообраќај. За управување со брзина поголема од дозволената санкцинирани се 48.152 возачи, за управување со возило пред да се стекне со право за управување (без возачка дозвола) санкционирани се 11.084 возачи, за управување со возило под дејство на алкохол 3.114 возачи,за некористење на сигурносен појас санкционирани се 4.276 учесници во сообраќајот, користење на мобилен телефон за време на управување со возило санкционирани се 3.843 возачи, санкционирани се 2754 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописи, санкционирани се и 3220 учесници во сообраќајот на патиштата  кои за време на управување на мотоцикли, мопеди и слично не носеле заштитен шлем

Поради нерегистрирање на моторно возило санкционирани се 3128 возачи, а поради техничка неисправност на моторно возило санкционирани се 1091 учесник во сообраќајот. Покрај наведените прекршоци учесниците во сообраќајот на патиштата се санкционирани и за други сторени сообраќајни прекршоци“, стои во збирната информација која ја добивме од МВР.

Од минситерството велат дека податоците се подложни на промени и не може да се пресмета вкупната сума која би ја платиле граѓаните за сторените прекршоци, а истата би ја зголемила приходната страна на буџетот. Од издадените платни налози во 2021, веќе се наплатени безмалку половина.

„До сега од изречените 117.475 прекршочни платни налози, наплатени се  49.915, но потенцираме дека оваа бројка е неофицијална, бидејќи истата е променлива во зависност од наплатата на граѓаните“, ни одговорија од МВР.

Според ставките од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и неговите измени кои ни ги испрати МВР за некористење на сигурносен појас предвидена е глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност за возачот, а 50 евра за сопатникот. Ако се знае дека 4.276 учесници веќе се казнети за ова дело, теоретски тоа би било сума од 171.000 до 213.800 евра.

На учесниците кои  управуваат возило со брзина поголема од пропишаната, предвидена е глоба од 10 до 400 евра во денарска противвредност во зависност од пречекорената брзина. Теоретски тоа би значело најмалку 481.520 евра, а најмногу 19.260.800 евра.За користење на мобилен телефон, предвидена е глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност, а такви се 3.843 лица кои би требало да платат сума од околу 153.000 евра.

„Исто така на возачот кој ја пречекориле брзината на движење повеќе од 30km/h во населено место и повеќе од 50km/h надвор од населено место покрај предвидената глоба, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возилод три до 12 месеци, мерка која ја изрекува надлежниот суд“, објаснуваат од полицијата.

Не носење на заштитен шлем на главата за време на возењето  предвидено е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност за возачот и лицата кои се превезуваат со мотоцикл. Тоа значи дека 3.220 досегашни санкционирани би платиле 161.000 евра.

Управување на возило без дозвола, односно без такво право, значи парична казна од 250 евра, а тоа значи дека 11.084 вакви глоби годинава би донеле во буџетот 2.771.000 евра. Глобите за утврден алкохол во крвта се од најмалку 200 евра за 0,10 до 0,50 г/кг, односно најмалата граница, до 375 евра за највисоката граница од 2,01 г/кг. Во овој случај пресметката би била за 3.114 возачи од 622.800 евра до 1.167.750 евра, секако под претпоставка дека сите ќе ја платат казната.

За користење на технички неисправно возило казната е 400 евра, а 1.091-мина биле санкционирани со сума, која теоретски пресметано би изнесувала 436.400 евра.

„Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач од кај кој истекувањето на важењето на сообраќајната дозвола поминале повеќе од 30 дена, а во износ од 100 евра кај кој не ма поголемо истекување од 30 дена“, предупредуваат од МВР.

Казните кои не се плаќаат доброволно, МВР ги наплатува присилно преку Управата за јавни приходи и преку судовите. 

А.К.


Слично

Поврзани вести