ГОЦЕ ТРАЈКОВСКИ ТРЕБАШЕ ДА СВЕДОЧИ ЗА ДВОЈНОТО УБИСТВО: Избегал затоа што подметнал пожар во кафуле
Сведок во случајот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес е во бегство.
Станува збор за Гоце Трајковски, кој воедно институциите го бараат затоа што подметнал пожар. Трајковски кој треба да даде исказ на рочиштето закажано за понеделник идната недела, недостапен е за полицијата. Тој избегал поради сторено кривично дело.
Од Јавното обвинителство брифираат дека на 13 ноември оваа година, Трајковски со уште две лица, намерно опожарил угостителски објект – кафуле на улицата Христо Татарчев во Кисела Вода.
Двајцата негови соучесници се фатени и против нив е поведена истрага, но Трајковски е во бегство.
„На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450.000 денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите. На местото пристигнале со автомобил ‘Фолксваген голф’, се паркирале во близина на кафе барот, а едниот осомничен останал во возилото да чека. Вториот осомничен зел секира од багажникот и го скршил лизгачкото стакло, додека третото лице кое е идентификувано и се преземаат мерки за негово пронаоѓање, запалило оган со бензин. Потоа сите заедно избегале од местото. Истрагата е отворена, бидејќи со дејствијата како соизвршители предизвикале тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. За двајцата осомничени кои се веќе обезбедени, по предлог на јавниот обвинител, определена им е мерка притвор“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Неговата мајка Кираца Трајковска, која претходно сведочеше, тврдеше дека нејзиниот син доживеал паничен напад и затоа не можел да дојде на рочиштето.
Ако не го обезбедат за сведок, на суд во понеделник ќе биде презентиран неговиот исказ од истрагата, даден пред јавен обвинител.
Трајковски беше еден од првите кои се вклучија во потрагата за 14-годишната Вања. Тој му помагал на нејзиниот татко Александар Ѓорчевски во обидите да ја пронајдат Вања.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
