„Гоце Делчев - инспирација за сите генерации кои се борат за правда и иднина на Македонија“: македонските лидери за нашиот револуционер
Премиерот Христијан Мицкоски утрово преку својот фејсбук профил изрази почит по повод 122 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Како што наведува Мицкоски, Македонија е изградена од саможртвата на хероите кои ги дадоа своите животи за нашата слобода, а славата и делото на Гоце Делчев продолжуваат да живеат.
- Македонија не е само држава, туку и наша судбина, и мора да биде наша иднина. Таа е изградена од саможртвата на хероите кои се дадоа за нашата слобода. Еден од најцврстите карпи на тоа народно дело е Гоце Делчев чиј живот херојски згасна пред 122 години, а неговата слава и дело продолжува да биде живо.
Длабок поклон за великанот. Слава му, пишува премиерот Мицкоски.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски преку својот фејсбук профил изрази почит по повод 122 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Како што наведува Мисајловски, Делчев не беше само водач, туку и инспирација за сите генерации кои се борат за правда и иднина на Македонија.
- Гоце Делчев, еден од најголемите борци за слободата и независноста на Македонија. Денес, се сеќаваме на Гоце Делчев, големиот македонски херој кој ја даде својата младост и живот за слобода на Македонија. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев падна во битка, но неговата жртва продолжува да живее во срцата на сите нас.
Гоце Делчев не беше само водач, туку и инспирација за сите генерации кои се борат за правда и иднина на Македонија. Со неговата храброст, визија и посветеност, Гоце Делчев стана симбол на револуционерната борба, и неговото име останува врежано во историјата како симбол на националната гордост. Нека неговиот пример за храброст и љубов кон татковината продолжи да не инспирира и денес. Вечна слава, пишува Мисајловски.
