Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГО ЗГОЛЕМИЛЕ КРЕДИТИРАЊЕТО И НА КОМПАНИИТЕ И НА НАСЕЛЕНИЕТО – ТТКБанка со раст изминатата година

ГО ЗГОЛЕМИЛЕ КРЕДИТИРАЊЕТО И НА КОМПАНИИТЕ И НА НАСЕЛЕНИЕТО – ТТКБанка со раст изминатата година

Во текот на изминатата 2025 година, ТТКБанка оствари добивка од 90 милиони денари, однсоно 1,46 милиони евра, а како што информираа од банката во финансиските резултати објавени на Македонска берза, бил забележан раст на кредитите и депозитите.

-   Заклучно со 31 декември 2025 година, Банката забележа позитивен финансиски резултат во износ од 90 милиони денари. Остварени се оперативни приходи во износ од 583,5 милиони денари и оперативни трошоци во износ од 469,8 милиони денари. Дополнително, исправките на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесуваат 10,7 милиони денари, што ја потврдува финансиската стабилност на Банката и нејзината подготвеност да се справи со динамичните пазарни услови – се наведува во извештајот објавен на берза.

Ова значи дека во текот на 2025 година биле во позитива од околу 1,46 милиони евра, при што оперативните приходи достигнале околу 9,49 милиони евра, а оперативните трошоци 7,64 милиони евра.

Исправките на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесуваат 10,7 милиони денари, односно 174 илјади евра, што, според Банката, укажува на стабилен квалитет на кредитното портфолио.

Билансната сума на ТТК Банка заклучно со 31 декември 2025 година достигна 12,475 милијарди денари, или околу 202,8 милиони евра, што претставува раст од 13,2 отсто на годишна основа и реализација од 107,5 проценти од планот.

Кредитите и побарувањата од други комитенти се зголемени за 7,7 отсто, при што кредитите кон стопанството пораснале за 260 милиони денари или 4,23 милиони евра, додека пак кредитите кон домаќинствата се зголемиле за 144 милиони денари односно околу 2,34 милиони евра.

Депозитите на комитентите изнесуваат 10,541 милијарда денари - 171,4 милиони евра, и белажат годишен раст од 11,4 отсто, пред сè поради зголемените депозити на домаќинствата и стопанството.

Нето-приходите од камати, како клучна компонента на приходите, достигнале 356,7 милиони денари, однсоно околу 5,80 милиони евра, што е раст од 3,4 проценти во однос на 2024 година.

Во текот на 2025 година е исплатена дивиденда за 2024 година, при што бруто-дивидендата по акција изнесуваше 61 денар, односно 6,1 отсто од номиналната вредност на акцијата.

Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се зголемени за 42%, најмногу поради промена на методологијата за евидентирање на средствата земени под наем.

Од Банката најавуваат претпазлив и проактивен пристап во наредниот период, поради глобалните и домашните ризици, но и продолжување на внимателна кредитна политика, инвестиции во дигитализација, подобрување на квалитетот на услугите и одржување на стабилна ликвидност и капитална адекватност.

Фокусот, како и досега, ќе биде на населението и на малите и средни претпријатија, со цел поддршка на одржливиот економски раст.

П.О.

Слично

Поврзани вести