ГО СЛАВИМЕ ПРАЗНИКОТ ВОДИЦИ: Кои се обичаите кои се заборавени?
Го славиме големиот христијански празник Водици, денот кога Исус Христос е крстен во реката Јордан. Завршуваат некрстените денови, но има и обичаи поврзани со празникот кои порано се практикувале, а денес се заборавени.
Наталија Милковска, етнолог од Градскиот музеј во Крива Паланка објаснува дека пред повеќе од 50 години на празникот водарки оделе по селата. Додава дека тоа биле девојчиња на возраст до 15 години, ги посетувале селата Псача и Мождивњак и пееле песни во чест на празникот.
„Денес останало да се фрла светиот крст, да се прават пивтии, се меси пресна погача, без класец, само со сода. Луѓето земаат осветена вода во црква или во Крива Паланка, домаќинките оставаат вода во домовите со босилек во неа и се смета дека по полноќ, сите води се осветени и таа вода ја чуваат цела година. Се вели дека на полноќ, небото се отвора, Бог се јавува и луѓето си замислуваат желба“, вели етнологот.
Во кумановско се практуваше на празникот, постарите да стават секира, чаша вода и жарчиња, а децата да ги прескокнуваат и да кажуваат дека скокнале жар, ама не се изгореле, скокнале секира, ама не се исекле, скокнале вода, ама не се удавиле.
Етнолозите велат дека имаме духовна култура која се разликува од град до град. Вишиот кустос етнолог Томе Крстевски, од Локален Музеј Галерија Кавадарци вели дека Водици се празнува два дена, првиот ден на 19 јануари освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордан и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Св. Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.
„Тоа значело дека првиот ден во минатото ги бањале зетовците и машките први деца, а вториот ден невестите и женските први деца. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката, а таму свештеното лице по специјален обред ги попрскувало со светена вода. Во минатото карактеристично за Водици е што се празнува во поголеми или помали групи, кои се викале кумства или братства. Сите членови се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со ,,Свети Јоване,“, ,„побратиме“ и слично. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата, кумството е сродство, па за кумовите како и за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Секое братство има свој кум кој го викаат Св. Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици. Еден ден пред празникот на 18 -ти го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето т.е. осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што му припаѓа на тоа братство. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот т.е.(треба да има толку гранчиња колку што има куќи тоа братство), ги пее сите крстови заедно и со тоа ја осветува или крштева водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата со цел да ги избрка сите лошотии“, вели Крстевски.
Старото народно верување вели дека ако на овој ден има мраз и снег, годината ќе биде плодна и обратно. Богојавление е еден од петнаесетте најголеми христијански празници.
Сања Атанасовска
