ГО СЛАВИМЕ ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН: Колку јајца смее да изеде едно лице на дневна основа?
Верниците денеска го слават големиот празник Велигден, а на трпезата ќе има мрсна храна, после постите.
Клучот за баланс во организмот е да не се претерува и да не се мешаат секакви видови храна. Нутриционистот Фани Гулевска објаснува дека граѓаните треба да внимаваат колкава количина јајца ќе консумираат. Ова се однесува за сите, за децата, возрасните, хронично болните.
„Во однос на дневниот внес на јајца за возрасни максимумoт е до 3, а за деца до 2, зборуваме за организам со полно здравје без дијагнози. Во однос на постот, мора да се внимава да не се направи шок на организмот наеднаш со консумирање на масна храна. Треба постепено и умерено да се внесува. Ако се претера со јајцата може да се оптовари организмот, да дојде до гадење и повраќање. Се активираат сите одбранбени механизми на организмот за да се прочисти, бидејќи бил оптоварен. Сите треба да внимаваат. И внимателно со мешањето на намирниците. Да има умереност е најважно. Различни видови на меса да не се мешаат со сирење, туку повеќе да се јаде чисто месо со салата или гарнир зеленчук“, вели Гулевска.
Велигденскиот пост опфаќа 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. За празникот граѓаните подготвуваат ручек со јагнешко или свинско месо, салати, десерти и слично.
„На трпезата ќе имаме свинско месо, сирење, кисело млеко, сувомесни производи, овошје, слатки. Што се однесува до велигденските јајца, оваа година имаме 70, но повеќето ги подаруваме на децата и не консумираме голема количина на јајца. Постиме една недела пред празникот“, објаснува повозрасна домаќинка.
Пред празникот, граѓаните не беа задоволни од цените, затоа што тие прво беа замрзнати, а потоа коригирани. Овошјето и зеленчукот поскапеа. Во светот, во различни земји има широк спектар на специјалитети кои луѓето ги консумираат за празникот и тоа јагнешка чорба во Грузија, риба во Јамајка, сладок леб со сирење и суво грозје во Романија и слично.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/pvpproductions
