Го сакам ГТЦ, а Универзална - шефот на кабинетот на Шилегов во одбрана на новиот проект за салата
Не можам да речам дека беше неочекувана реакцијата на многу Скопјани во однос на конкурсот за парк на местото на Универзална Сала, затоа што секогаш кога се расправа за прашања со кои луѓето емотивно се врзуваат е тешко да се разбереш преку аргументи, објаснува Никола Наумовски, шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Во долго излагање тој одговара на како што вели сите слушнати и прочитани тези овие два дена а откако Град Скопје објави Конкуср за идејно решение за летна сцена со парк на местото на Универзална сала. Самиот беше дел од акцијата „Го сакам ГТЦ“ кое беше дел од иницијативата за реферндум против планираниот нов изглед на Градскиот трговски центар за време на претходната власт.
Наумовски сега вели дека во изминатите петнаесетина години изготвени се три проекти за реконструкција и изградба на салата, што идејни, што основни.
„Ако се реконструира салата, тогаш не може да се додадат нови содржини како придружни сали, галериски простори, конференциски сали, холови, продавници и кафетерии. Предноста на реконструкцијата е во избегнувањето на обврската да се обезбеди паркинг место за секој посетител, како во случајот со новата градба. На тој начин, Универзална може да работи само со сегашните 40 (со букви: четириесет) паркинг места. Тоа би било сосема несоодветно, но законските услови не предвидуваат обврски за паркинг кога се реконструира објект, само кога се гради нов. Последниот проект за реконструкција на салата предвидува трошоци од околу 17 милиони евра (задржување на конструкцијата и градбата, со мали доградби и реновирана концертна сала со гледалиште). Изградбата на нова сала на оваа локација е замислена со таканаречениот проект „Јајце“ од 2013-та кој чини далеку повеќе, но според правилникот за стандарди и нормативи за градба треба да има 1000 паркинг места соодветни за проектираното гледалиште и придружните содржини, објаснува Наумовски.
Вели дека маалото каде е сега салата е пренаселено и дека со нов објект Град Скопје смета дека Театарот за Деца и Младинци треба со децентрализација да му припадне на Градот и да го дели кровот во новиот објект со градската институција. Вели и дека општина Центар е една од ретките општини што има мисија секое државно земјиште во новите ДУП-ови да го направи јавно/зелено.
„Затоа, секој државен простор треба да биде зазеленет, а секој двор на државна институција во Центар да биде отворен за уживање на жителите, како што направија Град Скопје и Архитектонски Факултет со паркот на двесте метри од Универзална. Така и со просторот под и околу салата - може бесплатно да се претвори во парк бидејќи се работи веројатно за последното државно земјиште во маалото, стои во објавата.
Наумовски е категоричен дека со овој проект наследството од периодот на солидарноста не се напушта, туку се вреднува.
„Свесни дека носталгичните чувства и сентименталноста на Скопјани се легитимна почетна позиција во секое општествено прашање, во проектната задача на конкурсот предвидовме задолжителни критериуми кои треба да ги задоволат овие барања. Архитектите на конкурсот се задолжени во осмислувањето на паркот да искористат делови од сегашната конструкција, партерот, внатрешните градби и сл., на начин на кој ќе оддадат признание за нејзината архитектонска и историска вредност, вели Наумовски.
Тој во 2015 година беше дел од гушкањето на ГТЦ и пред реферндумот изјави
„Нашиот глас е поважен од нивниот. Не
можат да прават што сакаат со нашите
дневни соби, не смеат да ни декорираат без
контрола. Ако не излеземе во доволен број,
ќе им дозволиме на политичарите да
одлучуваат во наше име , рече Наумовски.
Граѓаните се револтирани и бараат проектот да запре.
А.Т.
