Го пуштиле на Табановце иако немал негативен корона тест
Гранични полицајци на Табановце пуштиле лице од странство во земјава без негативен тест за корона, поради што добија кривични пријави.
Раководителка Полициската станица за Граничен премин Табановце на 1 јуни му наредила на граничен полицаец да пушти лице да влезе во Македонија од странство без негативен ПЦР тест за корона и без евиденција.
„С.М., на 01.06.2020, како одговорен раководен работник во Полициската станица за Граничен премин Табановце, издала наредба на второпријавениот Д.С. да му дозволи влез во РСМ на Ѓ.К. од село Петралинци, општина Босилово, без притоа да го евидентира во системот за контрола на патници и возила и да изврши минимални гранични проверки. На овој начин му овозможила на Ѓ.К. да оствари влез во државата без да приложи валиден негативен ПЦР тест или во спротивно да биде упатен во задолжителен државен карантин, согласно одлуките на Владата со справување со ковид-19“, соопштија од МВР.
Одделот за внатрешна контрола поднесе кривични пријави против двајцата за сторени кривични дела „повреда на чување на државната граница“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
