Го претепале оти пријавил кражба
Непознати лица го претепале 70 годишниот Јосе Петров од струмичко Градашорци оти пријавил дрвокрадство во атарот на селото Варварица каде чува пчели. Тој се здобил со повреди по лицето и телото. Тврди дека останал жив благодарение на пријателите со кои ја чекал шумската и цивилната полиција да ги фатат крадците на дело кои вршеле нелегална сеча во семејната корија.
„Еден од нив од задната страна ме удри со дрво по главата и јас паднав на земјата. Едвај ги отргнаа напаѓачите едвај преживеав. Ме нападнаа затоа што сум пријавил дрвокрадство во шумската и цивилната полиција“, вели Јосе Петров– пчелар во Варварица, за 24вести.
Тој сега се плаши да отиде на пчеларникот.
„Во Варварица има многу кражба, а овластените лица не можат да ги запрат. Сега се плашам да отидам кај пчеларниците“, вели Јосе Петров – пчелар во Варварица
Инцидентот Петров го пријавил кај надлежните откако му биле санирани повредите во болницата. Од полиcијата велат дека работат на целосно расветлување на случајот . По земените изјави на оштетниот откриен е идентитетот на насилниците и против нив ќе се поднесат пријави за физички напад.
