Го посетил Груевски во Будимпешта и сега под казна ќе работи во магацин
Вториот цариник, за кој на крајот на декември се испостави дека го посетил поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Будимпешта, е казнет со прераспределба да работи во магацинот на Управата. Ова денеска го потврди Ѓоко Танасковски, директорот на Царинската управа на прес-конференција.
Станува збор за лице од Секторот за контрола и истраги кое е опфатено во истрагата за бегството на Груевски од двегодишната затворска казна. Цариникот е идентификуван откако беше фотографиран со Груевски додека седат во еден ресторан во Будимпешта.
Според Танаскоски, не е спорно што лицето на карјот на декември искористило два дена одмор и еден слободен ден за „да се прошета“ во Будимпешта, туку тоа што тој е опфатен во истрагата. Неофицијално, тој е осомничен и во рамки на друга истрага, поврзана со шверцување на стоки, а се товари за злоупотреба на службена должнсност.
Претходно, со Груевски во Будимпешта беше фотографиран и Александар Трајковски, уште еден цариник и воедно советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба.
Танаскоски денеска потврди дека двајцата се прераспределени на други работни места. Непознатиот е прераспределен од архива во магацин, а царинскиот службеник Александар Трајковски од секторот контрола и истраги исто така е прераспределен на друго место, но не е уназаден според позицијата.. „Следува внатрешна истрага, доставување на извештаи, отворање на постапки. Не би сакал да прејудицирам, каков ќе биде резултатот од таа постапка, но си течат и ќе се одвиваат во наредните недела-две, да не вршиме притисок“, информираше Танаскоски. Инаку денеска навршуваат точно два месеци од бегството на Груевски и неговото барање азил во Унгарија. Засега нема обвинети како одговорни за овој скандалозен случај.
