Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГО НАРЕКУВААТ „ЗЛАТО НА МЕДИТЕРАНОТ“: Дел од Македонците го нарачуваат поради здравствените бенефити

ГО НАРЕКУВААТ „ЗЛАТО НА МЕДИТЕРАНОТ“: Дел од Македонците го нарачуваат поради здравствените бенефити

Голем дел од граѓаните, посебно помладите не консумирале рогач и малку знаат за него, но оние кои имаат одреден здравствен проблем го нарачуваат и од странство за да го консумираат. Рогачот успева во земјите од регионот. Го има во делови од Црна Гора, во Херцеговина, во Хрватска.

„Имам имот во Црна Гора, го берам дрвото кога ќе одам таму, собирам 30 или 50 килограми, нешто продавам, нешто чувам за себе. На гости кога одам се случува да однесам рогач. Скоро еден човек што имаше здравстени проблеми ми побара рогач. Ние дома рогачот го користиме за колачи. Некои го јадат свеж, некој си прави сируп. Некои го купуваат од мерак, оти го јаделе како деца.  Ако е старо дрвото, може да роди и по 100 или 120 килограми рогач. Сум читал за такви дрвја дека ги има во Франција и во Италија. Во Библијата се споменува тоа дрво. Кај нас може да вирее во Гевгелија, Валандово, Дојран, затоа што ова дрво не понесува многу студено време. Рогачот успева на Медитеранот. Јас го обожавам рогачот, наутро јадам по едно. Има наши граѓани што порачуваат рогач од Турција, тие што го користат за здравствен бенефит. Најдобро е да се консумира во рок од една година од берењето, затоа што потоа ги губи хранливите својства, а мирисот и вкусот остануваат. Постарите знаат што е тоа рогач, се сеќаваат на него. На приморје гледам дека рогачот е запоставен, не садат нови садници или тоа го прават многу ретко. Гледав една емисија како во странство од рогачот прават некој вид на маџун“, вели скопјанец.

Се смета дека во иднина рогачот ќе се користи како замена за какаото. По печењето, рогачот ослободува арома слична на какаото, но неговиот вкус не е целосно идентичен.

„Кога бевме деца се сеќавам дека за Бадник купувавме рогач. Тогаш рогач можеше да се купи на пазар, пред четири децении, но потоа го снема. Веројатно и тогаш не бил евтин, затоа што купувавме само по една парче за секој член од семејството“, додава Лидија Атанасовска, граѓанка.

Рогачот е добар за дијабетичарите, но и за дигестивното здравје. Високата содржина на калциум го прави корисен за одржување на здрави коски и заштита од остеопороза.

Истражувачите развија две техники базирани на употреба на ензими, кои ја подобруваат горчината и природната сладост на растението.

Научниците веруваат дека подобрениот вкус на рогачот би можел да ги охрабри производителите да го користат во производи традиционално направени од какао, како што се чоколадни плочки, какао во прав и пијалоци. Поради климатските промени, се случува родот на какаото во Африка да биде слаб и затоа се размислува за алтернатива.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести