„ГО МЕРАМ СЕКОЈ ГРАМ ОД ХРАНАТА ШТО ЈА ВНЕСУВАМ“: Орторексија или опсесивност со „здрава храна“
Во време кога „здравиот живот“ преминува во култ, а социјалните мрежи ги наметнуваат стандардите за тоа што е „прифатлива“ храна, експертите предупредуваат на пораст на ново нарушување во исхраната, орторексија. Станува збор за опсесија со здрава храна која, иако на прв поглед изгледа како одговорно однесување, може сериозно да го наруши и физичкото и менталното здравје.
Орторексијата сè почесто се забележува и кај млади луѓе кај нас, особено меѓу оние кои активно следат фитнес програми, пилатес, или стриктни нутриционистички режими. Во теретаните, студијата за вежбање и онлајн групите за „clean eating“, калориите се мерат во грам, а оброкот се планира по шаблон. Стравот од одредени видови храна, чувството на вина по „нечист“ оброк и социјалното изолирање се само дел од симптомите што укажуваат дека границата меѓу здраво и нездраво е одамна помината.
Иако орторексијата сè уште не е официјално призната како дијагноза во Меѓународната класификација на болести, психолозите и нутриционистите алармираат дека последиците се реални. Наместо одлично здравје, се појавуваат анксиозност, нарушен метаболизам, осаменост, па дури и развој на други нарушувања во исхраната.
Фактор разговараше со млади луѓе кои редовно тренираат во скопските фитнес центри, како и во студијата за пилатес, а таму сè почесто се зборува за „чиста“ храна, нутритивни вредности и контролирано внесување калории.
„Порано јадев што ми се јаде, а сега не ми се случува да каснам нешто ако претходно не сум го измерила. Појадокотми е обично овесни снегулки со прецизно 150 милилитри бадемово млеко и 25 грама протеин во прав. Ако претерам со некоја намирница, целиот ден ми е уништен“, раскажува 24-годишната Сања, која три пати неделно вежба пилатес, а истовремено е и членка на неколку групи за здрава исхрана на Инстаграм.
На социјалните мрежи, особено на Instagram и TikTok, трендовите со т.н. meal prep видеа, cleaneating и fitlife создаваат идеализирана слика за исхрана која во реалниот живот е тешко одржлива.
„Ако јадам пилешко, тоа мора да е точно 120 грама, со 60 грама варен ориз и 50 грама брокула. Ако не погодам, ми се чини како цел тренинг да ми пропаднал. Тоа го научив од фитнес блогери – тие така мерат, па така мерам и јас“, вели Александар, 27-годишен програмер кој пет пати во неделата тренира со личен тренер.
Експертите предупредуваат дека зад орторексијата најчесто се крие потребата за контрола и страв од нарушување на телесниот изглед. Некои од симптомите се: прекумерно планирање оброци, страв од „нечиста“ храна, чувство на вина по отстапување од планот и намалување на социјални контакти поради храната.
Според д-р Денис Гибсон, интернист и специјалист за нарушувања во исхраната од ACUTE Center for Eating Disorders, орторексијата е „опсесија со чиста или здрава исхрана што доведува до физички и ментални здравствени проблеми“. Иако сè уште не е официјално призната како дијагноза, таа споделува карактеристики со анорексија и може да резултира со малнутриција и нарушено функционирање. Гибсон нагласува дека лицата со орторексија често развиваат ригидни правила за исхрана, трошат прекумерно време на планирање и подготовка на оброци, и чувствуваат срам или анксиозност кога ги прекршуваат овие правила.
Во интервју за Psychology Today, д-р Ализа Пресман, развоен психолог и д-р Том Хилдебранд, специјалист за нарушувања во исхраната, дискутираат за влијанието на социјалните мрежи врз развојот на орторексија. Тие истакнуваат дека платформите како Instagram и TikTok промовираат нереални стандарди за „чиста“ исхрана, што може да доведе до анксиозност и нарушен однос со храната кај подложните поединци.
Д-р Хедер Финли, нутриционист и сертифициран специјалист за нарушувања во исхраната, во вебинар од април 2025 година, истакнува дека орторексијата често започнува како обид за здрав живот, но може да прерасне во нарушување кога лицето започнува да избегнува цели групи храна без медицинска причина и развива страв од „нечиста“ храна. Таа препорачува мултидисциплинарен пристап во третманот, вклучувајќи нутриционисти, психолози и лекари.
Според извештај на Washington Post од март 2025 година, орторексијата е сè почесто препознаена од медицинските професионалци како сериозно нарушување во исхраната. Таа е поврзана со перфекционизам, анксиозност и опсесивно-компулсивни нарушувања, и може да доведе до психолошки и физички здравствени проблеми, вклучувајќи и малнутриција.
Експертите нагласуваат потреба од професионална помош, рано откривање и поддржувачка средина без осудувачки јазик за храната.
Анита Буховски