„Го избираме најнестручниот, најнеодговорниот и на долг рок најштетниот“: професор Трајковски за отпадот и светските решенија
Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски со посебен осврт на можостите како од ѓубрето да добиеме енергија, поточно за потребата административните службеници, од највисокото ниво, па се до најниското да почнат да следат светски текови и да почне примена на новте модели на искористување на отпадот.
- Од сите можни начини за справување со комуналниот отпад (домашното ѓубре), ние упорно го избираме најнестручниот, најнеодговорниот и на долг рок најштетниот: фрлање на депонија. Дури и денес, кога постоеше реална можност за вистински технолошки пресврт, властите повторно се одлучија за најлесното решение, односно одлагање на ѓубрето од десетина општини во напуштениот отворен коп за јаглен на РЕК Битола. Ништо подобро не е ни во Скопје.
А можевме поинаку. Во ноември 2024 година, на конференција за енергетика во организација на Стопанската комора за енергетика, одржана во хотелот „Александар Палас“, две компании за циркуларна економија од Саудиска Арабија заеднички настапија и го претставија својот технолошки процес и бизнис модел за целосна преработка на комуналниот отпад. Барањето до нашите власти беше минимално - само десет хектари земјиште за изградба на фабрика, како и континуирано снабдување со доволни количини ѓубре.
Технолошкиот концепт беше јасен и целосен. Сè што може да се рециклира – хартија, пластика, метал – се преработува и продава. Од електронскиот отпад се издвојуваат ретки метали, вклучително и злато. Органскиот дел се користи за производство на биогас, кој напојува гасна електрана. Остатокот се согорува на високи температури, а од сувиот остаточен материјал се добива агрегат сличен на чакал, употреблив за изградба на патишта. На депонија, практично, не завршува ништо. Инвеститорите би заработиле, а ние бесплатно би се ослободиле од ѓубрето - напоменува професорот Трајковски.
Потоа додаде дека на истата конференција бил присутен и претставник на Министерството за енергетика, како и излагач од Министерството за надворешни работи.
- Првиот излезе на говорница, го поздрави собирот и ги повтори вообичаените фрази за плановите и „успесите“ на Владата. Но, очигледно, суштината на предавањето или не ја слушнал, или целосно ја преспал. Можеби, пак, толку разбирал англиски. По коктел-паузата си замина со службениот возач. Уште еден настан формално посетен, уште една ставка штиклирана во дневниот распоред, уште еден „успех“ за Владата.
Одамна престанав да се чудам зошто како држава тапкаме во место. Но понекогаш, дури и кога немаме сопствена визија, би било доволно барем да застанеме, да ги послушаме успешните, да признаеме дека постојат решенија и дека може поинаку. Примерите на Шведска (99% рециклиран отпад), Холандија (помалку од 3% депониран отпад), Германија, Австрија и Швајцарија (забрана за депонирање непреработен отпад) би требало да ни бидат водилка барем за нови проекти.
Наместо тоа, продолжуваме со нашите варварски методи и ја закопуваме шансата. Во Македонија избраното решение секогаш е најлошото од можните - напоменува тој.
Слично
