Го „билда“ ли решението за името бројот на македонски туристи во Грција?
Македонија и
Грција го решија долгогодишниот спор за името и моментно двете земји
декларираат добри политички односи. Иако проблемот не се покажа како пречка за
македонските туристи кои секоја сезона ја користат за посета на грчките плажи и
градови, сепак од туристичките агенции овде велат дека годинава има значајно зголемен интерес. Тоа не се поврзува со решението на проблемот, толку колку што
трендот е растечки поради близината, достапноста, цените, организираните
аранжмани.
Од агенциите со кои зборувавме велат дека досега, имаат зголемување на закупените аранжмани, а според нив политичката ситуација не менува ништо кога е во прашање туризмот. Грција останува или број еден дестинација или е во топ три.
„Стандардно за Грција има интерес, и не сме забележале никаква промена. Ударно е за месец јули, но има интерес и за мај, јуни, август, септември. Цело лето практично Грција е атрактивна за одмор. Одат и пензионери и помлади, буквално луѓе од сите категории“, велат од штипска туристичка агенција.
Сепак според бројките лани Македонците на одмор заминале и на други дестинации, па имало два и пол пати помалку граѓани кои летувале во Грција. Оваа година таа статистика нема да се повтори ако се суди по сегашниот интерес.
Од скопска туристичка агенција велат дека политиката нема врска со тоа дали една дестинација луѓето ќе ја бираат за одмор, туку други фактори.
„Ние имаме интерес двојно повеќе од лани. Политиката не е пресудна, туку пресудна е цената и што им нудите. Ние имаме закуп двојно повеќе од лани. Сѐ е распродадено, ниту лани сме имале некакви проблеми иако се потпиша договорот со Грција, ниту претходно имало некој проблем иако редовно водиме групи“, додаваат од скопска агенција.
Од агенција од Прилеп велат дека не почувствувале некакви турбуленции лани или оваа година, ниту пак сметаат дека Македонците лани ја одбегнувале Грција.
„Имаме голем интерес за аранжмани пред и после сезона во Грција. Сѐ е исто како минатата година, некои промени ние не сме почувствувале“, раскажуваат оттаму.
Над еден милион туристи од Македонија, во текот на 2018 ја посетиле Грција, со 155 милиони ноќевања, а приходите за јужниот сосед од нашите туристи, минатата година, достигнале до 155 милиони евра, според статистичките податоци во годишниот извештај од Банката на Грција. Во периодот јануари-декември 2018 година, 1.187.200 Македонци ја посетиле Грција, што е за 24,5 отсто помалку во споредба со 2017 година. Доколку се направи споредба од годишните извештаи на Банката на Грција за последните четири години, се забележува тренд на опаѓање на бројот на туристи од земјава. Од 2015 до 2018, за два и пол пати е намален бројот. Пред четири години, Грција ја посетиле повеќе од три милиони туристи од нашата земја.
Сања Атанасовска