Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГЛАВНО ТРЕБА ДА БИДАТ МАКЕДОНЦИ - Министерството за политички систем бара нови 12 вработувања, по 166 во декември лани

ГЛАВНО ТРЕБА ДА БИДАТ МАКЕДОНЦИ - Министерството за политички систем бара нови 12 вработувања, по 166 во декември лани

Не поминаа ни два месеци откако распиша оглас за вработување на дури 166 лица, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на вицепремиерот Артан Груби, повторно ќе вработува.

На веб страната на Агенцијата за администрација во петокот беше распишан оглас за вработување на 12 државни службеници.

Платите се од пониски, па се до 33 илјади денари, зависно од работната позиција за која ќе се конкурира.

Првиот оглас е за помошник раководител на сектор за анализи и истражувања, место за кое кандидатите треба да имаат ниво на квалификации високо образование од секторот правни, економски или политички науки, како и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку една година на работно место во јавен сектор, односно најмалку шест години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор. Нето платата за ова работно место ќе изнесува 32.868 денари. Согласно годишниот план на институцијата за оваа година, на тоа работно место треба да биде примен Албанец според националноста.

Ова министерство ќе прими и еден помошник раководител на секторот за меѓународна соработка. Тој треба да има правен, економски или некој друг факултет од областа на образопванието. Се бара кандидатите да имаат најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку една година на работно место во јавен сектор, односно најмалку шест години работно искуство во струката од кои најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор. И неговата плата ќе изнесува 32.868 денари, а за оваа работна позиција смее да конкурира единствено Македонец.

Ќе биде примен и еден виш соработник за стратешко планирање, креирање на политики и следење. Неговото ниво на квалификациите треба да биде од областа на општествени, хуманистички или природно-математички науки и да има најмалку две години работно искуство во струката. И за ова работно место може да конкурира Македонец, а неговата плата ќе изнесува 24.401 денари месечно.

Двајца, пак, ќе бидат примени како помлади соработници за стратешко планирање, креирање на политики и следење. Нивната експертиза треба да биде од областа на општествени, природно-математички или техничко-технолошки науки, и можат да бидат со, но и без работно искуство во струката. Нивната плата ќе изнесува 22.020 денари, а според етничката припадност и двајцата треба да бидат Македонци.

Едно работно место во Министерството на Груби е предвидено за помлад соработник за стратешко планирање, со образование од хуманистички, биотехнички и медицински науки и здравство, со или без работно искуство во струката. И овој вработен треба да биде Македонец, а месечно ќе зема иста плата, од 22.020 денари.

Две работни позиции се резервирани за самостојни референти за стратешко планирање, креирање на политики и следење. Тие треба да имаат најмалку вишо или средно образование, гимназија, средно стручно училиште или више образование, и најмалку три години работно искуство во струката. За нив се предвидени доста ниски плати, под новата минимална која ќе почне да важи од март годинава, и кои ќе изнесуваат по 16.473 денари, а за нив треба да конкурираат исто така Македонци.

Четворица извршители, пак, ќе бидат примени да работат како помлади референти за стратешко планирање, креирање на политики и следење. Нивната плата ќе изнесува по 14.500 денари, а сите четворица, исто така, треба да бидат Македонци.

Фактор веќе пишуваше дека на средината на декември лани, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, го реобјави огласот за вработување на 166 лица. Таков оглас за вработување ова министерство објави на 5 август лани, одосно точно на еден ден пред распишувањето на локалните избори. Потоа го реобјави истиот оглас, кој не се реализираше поради локалните избори.

Тогаш од Министерството објаснија дека тие 166 кадри што се бараа нема да работат во Министерството, туку кај нив само ќе поминат обуки од три до шест месеци, а потоа ќе се распоредуваат по другите државни институции каде што има потреба од таков профил на кадри, односно како лектори и преведувачи. . 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести