Главните функционери на ЕУ испратија писмо со барање Македонија да ги започне преговорите
Главните функционери на ЕУ во писмо испратено попладнево до националните влади на земјите членки на ЕУ бараат отворање на пристапните преговори за членство со Северна Македонија и Албанија.
Писмото е потпишано од актуелниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, и сегашниот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли,
- Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината, пишуваат тројцата европски челници.
Таму се додава дека се работи за интерес на ЕУ и дека е потребно да се превземе следен чекор кон земјите „кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес“.
-Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност. Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји, стои во писмото, пишува лидерската тројка.
