ГЛАВЧЕВ: Шпекулативните хипотези за можно повторно отворање на преговарачката рамка се отфрлени од партнерите
Бугарскиот премиер Димитар Главчев денеска изјави дека позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија е непроменета. Бугарија сака да се почитуваат потпишаните договори.
„Досега бугарската влада строго се придржува до ставот потврден со одлуката на Националното собрание од 24 јули 2022 година, со која се дефинираат условите под кои Република Бугарија може да поддржи каков било чекор од процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Усвојувањето и итното стапување во сила на уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат регистрирани кај другите народи, е неизбежен предуслов за натамошен напредок во евроинтеграцискиот процес на Скопје“, изјави тој, пренесе „БНР.бг“.
Главчев вели дека нема притисок врз Бугарија за отстапки кон Скопје и ставот на Софија го делат и земјите членки на ЕУ, што се гледа и во годишните извештаи за напредокот на РСМ како земја кандидат:
„Шпекулативните хипотези за можно повторно отворање на преговарачката рамка одобрена од сите земји членки и од самата Северна Македонија, или непочитување на договорот за добрососедство од 2017 година, беа отфрлени од сите евро-атлантски партнери. Не само што нема притисок туку на повикот за почитување на договорите ни се придружуваат и други земји од ЕУ“, рече тој.
И Грција реагираше за истото. Грците следат што се случува во земјава откако претседателката Гордана Сиљановска - Давкова на заклетвата ја испушти придавката „Северна“. Бугарија претходно ја блокираше Македонија на европскиот пат со вето.