ГЛАСАЧКИТЕ ЛИВЧИЊА СТИГНАА: В недела граѓаните се на потег
Дистрибуцијата на гласачките ливчиња за референдумот ќе се реализира денеска до општинските изборни комисии.
Тимови на ДИК ќе ги преземаат ливчињата и ќе ги доставуваат директно до општинските изборни комисии, кои пак според роковникот на ДИК се должни еден ден пред денот на одржување на референдумот да го предадат на избирачкиот одбор.
Болните, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Република Македонија во странство гласаат еден ден пред референдумот, односно на 29 септември.
Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата и во Градот Скопје.
Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.
Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.
ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК.
Референдумот ќе го набљудуваат околу 12.000 домашни и 500 странски набљудувачи.
Јавната пропаганда за референдумот што ќе се одржи во недела завршува вечерва на полноќ. Дотогаш треба да завршат сите активности на учесниците во кампањата.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе биде молк пред референдумот.
