Ѓурчески: Министерот Спасовски ги разочара неопределените и ветувањата за промени во МВР
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи ја „преживеа“ собраниската интерпелација и ќе продолжи да ја врши функцијата. Ресорот кој го води од почеток на мандатот до денес го обележаа голем број на предизвици, повеќе нерасчистени убиста, бегства на осомничени сторители, обвинувања за корупција, ширење на паника кај јавноста и дезинформации за трговија со органи. Спасовски успеа да ја задржи функцијата и покрај тоа што екс премиерот Груевски побегна во Унгарија за да не ја одлежи затворската казна по правосилната пресуда. На површина излегоа и обвинувања за непотизам и непрофесионалност во МВР, додека пак за нестручните и несоодветни кадри и натаму нема соодветно решение, односно не се поведени дисциплински постапки. За досегашната работа на Оливер Спасовски правиме анализа со експертот за безбедност Љубомир Ѓурчески, поранешен висок функционер во МВР и екс началник на Бирото за јавна безбедност. Ѓурчески беше жесток критичар на Јанкуловска, активен за време на Шарената револуција барајќи реформи и промени во МВР. Според него ветувањата за реформи не се исполнети, а голем проблем во МВР има со непрофесионални кадри кои не се на висина на задачата, додека пак експертите се тргнати настрана. Затоа, според Ѓурчески потребно е министерот Спасовски да направи сеопфатна анализа со неговиот тим и премиерот Заев за досегашната работа бидејќи измина повеќе од половина мандат.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повеќе од две години е на функција, а претходно беше дел и од Пржинската влада. Како вие ја оценувате неговата работа, дали ги исполни очекувањата на гласачите за ветувањата дека ќе се справи со партизацијата во „МВРО-ВМРО“, со непотизмот, и каква е сега сликата за полицијата?
Генералната оценка е дека министерот Спасовски не ги постигна очекуваните резултати, односно барањата на сите партиски и неопределени структури кои уште од Шарената револуција бараа промени во МВР за високиот степен на корупција и создавањето на партиски војници во полицијата. И поставување на Спасовски беше со кристално јасна цел, тој беше свесен со какви проблеми ќе се судри во вршењето на функцијата. Тој за време на техничката влада беше ограничен и блокиран, и не можеше да се очекуваат одредени резултати. Имаме ние дуализам во Законите за внатрешни работи и Законот за полиција кои регулираат иста област, пречка беше и тоа што ни "лебдеше" УБК која е главниот генератор на сите проблеми во МВР со години наназад. Затоа ние очекуваме најпрво да се направат промени во УБК, што се покажа уште од време на бомбите дека таму се потребни брзи и итни реформи во нормативниот дел. Таму се одлучуваше кој се ќе биде вработен, што генерираше непотизам и партизација. Во МВР нема функционер кој не вработи неколку лица од своите блиски роднини. Јас искрено не се лутам за непотизмот доколу станува збор за квалитетни кадри со соодветно образование и вештини, секое дете на функционер или вработен во државната администрација има право да се вработи, но само ако даде резултат и професионално си ја врши работата наместо да биде дел од корупцијата.
Јавноста во последниот период има перцепција за загрозена безбедност, во главниот град се случија неколку престрелки, а има и повеќе нерасчистени убиства за кои сторителите или не се откриени или се во бегство, се ширеше паника за исчезнати лица и наводна трговија со оргсни. Дали полицијата и МВР несоодветно реагираше во овие случаи, има ли лоша комуникација со јавноста под водство на Спасовски?
Тука кај Спасовски нема вина, туку во прашање е начинот на кој се работи. Факт е дека кај граѓаните има одреден револт, довербата во МВР е многу опадната, и е се помала. Со самото почнување на мандатот на министерот Спасовски се случи убиството на младиот Јанушев, чиј родител со нас работеше во МВР, за кое медиумите веќе по ден два пренесоа информации кој е сторителот, мотивот, начинот на кој бил пуштен од затворот Идризово. Дури по некој месец МВР излезе со официјални податоци кој е сторителот што предизвика голем револт, особено што е во бегство и не е изведен пред органите на правдата. Иста ситуација имавме и со убиството на навивачот Саздовски каде не се откриваше идентитетот на еден од осомничените кој и натаму е во бегство. Министерот како да го напушти ветувањето за комуникација со јавноста и транспарентност, а само со презентирање на вистината ќе се намали паниката кај граѓаните. При престрелките во Скопје како со убиството на Ајети, МВР требаше да даде брзи информации за да ја извести јавноста, истото важи и за комуникацијата за сите исчезнати лица. Целта на организираните криминални групи е токму создавањето на паника за да може полесно да оперираат.
Како Спасовски се вплетка во Пајаковата мрежа?
Министерот Спасовски уште на стартот на кариерата погреши со тоа што не ја заштити полицајката која беше дел од инцидентот со "Пајакот". Тоа испрати многу лоша порака до полициските службеници дека не смее да интервенираат, а за насилниците дека може да нападнат полицајци и за тоа да не одговараат. Спасовски непотребно настапи на политички начин, наместо да остави на службите на МВР како секторот за внатрешна контрола и инспекторите да утврдат што точно се случило. СВР Скопје кое е надлежно за случајот има доволен капацитет и професионалци за да ја спроведе постапката, возилото требаше да биде подигнато, а потоа да се утврдуваат фактите и да се поднесе соодветна пријава.
Бурно се реагираше кон Спасовски по бегството на екс премиерот Груевски кој по правосилноста на пресудата требаше да оди во затвор на одлежување двегодишна казна. Се направи голема фама со "потрагата" по Груевски низ станови, автомобили и партиски гаражи, за потоа тој преку статус на Фејсбук да соопшти дека побарал азил во Унгарија. Има ли одговорност кај Спасовски?
По однос на бегството, одговорноста ја лоцирам и кај МВР, но и кај судот и во обвинителството. Ние како да ја напуштивме вообичаената судска пракса и му овозможивме на Груевски да се правда за политички прогон. Секогаш по правосилната извршна пресуда се остава рок од осум дена за лицето само да се јави на отслужување на затворската казна, при што судот и институциите треба да се координираат, односно да се преземат мерки дека ако лицето само не се јави да биде присилно одведено во затворот. Полицијата можела да го стави лицето под оперативен надзор и тоа овластување не може никој да го забрани. И јавноста изврши одреден притисок врз судот токму тој ден Груевски да биде одведен во затвор. Со тоа што се напушти судската пракса и се дигна тензија со упатниот налог, ситуација можеби ќе беше поинаква. Судот секако можеше да побара оперативен надзор за движењето на Груевски. Начинот на кој побегна, самото изведување укажува дека имал соработници и поддршка без оглед дали од партиите, како тоа било организирано и дали преминал легално или нелегално. Тоа го отвара и прашањето за корупција и непрофесионалност и во граничната полиција за што требаше да се утврди одговорност. Штом Груевски преминал граница и добил дипломатски документ од унгарската амбасада веќе завршуваат надлежностите на земјите од регионот. Затоа Спасовски има морална, односно политичка одговорност, а ние се уште немаме официјален податок како е изведено бегството на Груевски.
Х.С.
