Ѓунсој: „Аџибадем Систина“ е подготвена да учествува во масовниот скрининг
Ѓун Ѓунсој, главниот извршен директор на „Аџибадем Систина“, вели дека Клиничката болница е подготвена за масовни скрининзи на населението со тестовите за коронавирус.
- Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како единствена болница која во земјава располага со три типа тестови за коронавирус нуди можност за масовно тестирање, и тоа не само во болницата. Располагаме со обучени мобилни тимови и опрема за тестирање во кое било населено место во државата, по претходно барање на фирми, институции. На овој начин, болницата дава придонес во спречувањето на ширењето на вирусот, бидејќи е достапна за тестирање буквално на секој кој е заинтересиран, вели првиот човек на „Аџибадем Систина“ одговарајќи на едно од прашањата во денешното интервју за „Фактор“.
Според препораките на СЗО, голем број земји веќе ги спроведуваат масовните тестирања, како и земјите на Балканот.
- Најголемиот предизвик во спречувањето на ширењето на епидемијата со коронавирусот е откривањето на асимптоматските случаи. Ефикасен начин да се откријат овие тивки преносители е масовното тестирање со брзите серолошки тестови кои вршат детекција на антителата што организмот ги создал против вирусот. На овој начин се открива реалната бројка на заболени, и се дава можност за правилно менаџирање со епидемијата во периодот кој следи, односно постепено укинување на рестриктивните мерки, најавува Ѓунсој.
