Ѓорѓиевски за Јовица Илиевски: Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас
Градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази длабоко сочувство по повод ненадејната смрт на градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски.
Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи порача дека Илиевски бил негов драг пријател и голем човек чие заминување остава огромна празнина.
„Со огромна тага ја примив веста за ненадејната смрт на мојот драг пријател, колега и пред сѐ голем човек, Јовица Илиевски. Јоцо, сите сме во шок и неверување. Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас, но уште потешко е да се најдат зборови за човек како тебе“, напиша тој.
Ѓорѓиевски ја нагласи хуманоста и добрината кои го одликуваа неговиот колега.
„Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе. Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој упати зборови на поддршка до семејството и посочи дека Брвеница секогаш ќе се гордее со неговото дело.
„Упатувам длабоко сочувство до твоето неутешно семејство, до пријателите, колегите и до сите луѓе кои денес чувствуваат голема празнина поради твоето заминување. Брвеница е горда на тебе. Никогаш нема да бидеш заборавен. Вечна ти слава, другар“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Илиевски е роден на 3 мај 1968 година. Веста за смртта на Илиевски на социјалните мрежи ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека неговото дело и спомен нема да бидат заборавени.фото Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски
