ЃОРЃИЕВСКИ СЕ ПОФАЛИ: Скопје ќе добие 100 нови еколошки градски автобуси
Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, со што значително ќе се подобри јавниот превоз во главниот град. Одлуката е донесена од Владата на Република Македонија, а набавката е дел од стратешки договор „влада со влада“ меѓу Македонија и Унгарија, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Како што беше соопштено, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 електрични автобуси и 50 полначи, што ќе овозможи поефикасен, побезбеден и поеколошки јавен превоз. Со ова, се очекува да се подобри квалитетот на услугата за илјадници граѓани кои секојдневно го користат јавниот транспорт, како и да се намали загадувањето на воздухот.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека набавката ќе се реализира по исклучително поволни услови, благодарение на договорот со унгарската влада, а проектот е дел од пошироките мерки за модернизација на јавните услуги и заштита на животната средина.
Надлежните информираат дека процесот за набавка на автобусите ќе започне наскоро, додека до крајот на годината се очекува и пристигнување на нови возила за Комунална хигиена. Со ова, како што се наведува, се отпочнува решавање на долгогодишниот проблем со јавниот превоз во Скопје.
Од Град Скопје посочуваат дека ова е еден од клучните чекори кон стабилизација на состојбата во градот и најавуваат понатамошни мерки за подобрување на инфраструктурата и секојдневниот живот на граѓаните.
