Ѓорѓиевски попушти по реакциите: Бесплатно паркирање за сите жители на Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Орце Ѓорѓиевски, информира дека по реакциите на граѓаните, донесена е одлука резидентите да продолжат да паркираат бесплатно на сите зони на територијата на општината.
Тој посочи дека е дадена насока до ЈП „Градски паркинг“, во рамки на новата зона D12 во Реонскиот центар да важи досегашното правило.
-Како човек кој ја добил најголемата доверба од граѓаните и кој секогаш се води од нивниот глас, чувствувам обврска јасно и транспарентно да ве информирам за одлуките што ги носиме, заедно - наведува Ѓорѓиевски.
-Дадена е насока до директорот на ЈП „Градски паркинг“, во општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната D12, останува да важи старото правило: секој резидент ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок - додава тој.
Градоначалникот нагласува дека оваа одлука е директен одговор на барањата на жителите.
-Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува - истакнува Ѓорѓиевски.
Паралелно, најави и нова зона за паркирање во Ново Лисиче, каде веќе се поставува сигнализација.
-Со ова, ќе се обезбедат вкупно 2.719 паркинг места кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем - посочува градоначалникот.
Воедно, од 1 април 2026 година ќе започне и дигитализација на услугите преку платформата „moj.parking.mk“.
-Граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања за дозволи, како и да вршат онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите - наведува Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека целта е подобра организација на паркирањето и уредување на секојдневието во општината.
- Одлуките ги носиме заедно, за подобро секојдневие, повеќе ред и достоинствено, уредено Скопје - заклучува градоначалникот.
