Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ѓорѓиевски даде отчет за 100 дена работа: Кога градот се води со срце, а не од личен интерес - резултатите не изостануваат

Ѓорѓиевски даде отчет за 100 дена работа: Кога градот се води со срце, а не од личен интерес - резултатите не изостануваат

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска даде отчет за 100 дена мандат. 

Вели дека затекнал хаос и дека сега има видливи резултати. 

„Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, знаев дека не ме чека лесна задача. Наследивме град на раб на финансиски колапс - празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра. Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните. Но, заедно добивме нешто многу повредно од сè, вашата доверба. И си дадов збор дека таа доверба нема да биде изневерена. Дека нема да се криеме зад изговори и нема да покажуваме со прст. Ќе работиме. Чесно. Одговорно. До крај! Сто дена подоцна - резултатите се видливи. За само три месеци ги намаливме обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивните трошоци и воведување финансиска дисциплина. Ја стабилизиравме исплатата на платите во јавните претпријатија. Отстранивме над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа. Ставивме ред таму каде што со години владеел неред. Го исчистивме градот во најголемата акција досега - над 2.500 луѓе, стотина возила и повеќе од 4.500 тони отпад отстранети за 72 часа“, вели тој.

Додаде дека го исчистиле коритото на Вардар, ги вратиле јавните простори на граѓаните, поставиле стотици заштитни столбчиња и отстраниле десетици нелегални објекти.

„И ќе продолжиме! Ред, мора да има! Скопје повторно почна да дише. Ги деблокиравме клучните инфраструктурни проекти што со години стоеле во место, клучката кај ,,Момин Поток”, булеварот ,,Македонија” со подземната сообраќајница, улиците ,,Љубљанска” и ,,Перо Наков”, реконструкцијата на ,,Фрањо Клуз”.  Започнуваме изградба на нови кружни текови, нови булевари и монтажни катни гаражи. Следува доизградба на булеварот Борис Трајковски, сообраќајница што секојдневно ја користат повеќе од 100.000 граѓани. Со силна поддршка на Владата на Република Македонија, го модернизираме во јавниот превоз, со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт. Почнавме со уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште и создавање големи паркови што ќе бидат белите дробови на градот. Во образованието реализиравме најголема набавка досега за средните училишта - нов мебел, компјутери, интерактивни табли, прочистувачи на воздух. Работиме на енергетска ефикасност и фотоволтаици.  Започнуваме со изградба на Луна паркот. Го јакнеме културниот идентитет - Скопје останува  Европска престолнина на културата 2028. Буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина“, додава Ѓорѓиевски. 

Вели дека ова е темелот врз кој конечно ја градат иднината на Скопје како модерен, праведен и достоинствен град.

„Она што го направивме за толку кратко време не е случајност. Тоа е резултат на јасна визија, напорна работа и храброст да се прекине со старите лоши навики. Резултат на чесност. На одговорност. На одлука дека јавниот интерес е над секој личен интерес. И ова не е само мој успех. Ова е успех на сите скопјани што не се откажаа, што веруваа дека Скопје може и мора поинаку. Ова е доказ дека кога градот се води со срце, а не од личен интерес - резултатите не изостануваат. Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството. Пред нас има уште многу работа. И да, ќе има уште предизвици. Но ние нема да се криеме од нив и нема да бараме алиби. Нема да се жалиме. Ќе ги прифатиме исправени, подготвени и решени да победиме. Затоа што овој мандат не е мандат за мирна совест и тивка функција. Овој мандат е за длабоки, суштински и трајни промени. И токму затоа, следуваат крупните капитални проекти што трајно ќе го променат ликот на градот и ќе донесат вистинско унапредување и модернизација на градската инфраструктура. Следува изградбата на булеварот Љубљанска, реализација на втората фаза од булеварот Македонија, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, како и изградба на булеварот Македонско-косовска бригада. Конечно, по години застој, постигнавме договор и следува доизградбата на еден од најважните сообраќајници во градот, булеварот Борис Трајковски, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани. И ова се само дел од капиталните проекти што ќе значат побрзо, побезбедно и поквалитетно секојдневие за сите. На крајот, дозволете ми да се заблагодарам на секој еден од вас. На Советот на Град Скопје кој од првата седница работи во интерес на скопјани. На мојот тим кој го следи секој мој чекор“, кажа градоначалникот. 

Тој се заблагодари и на премиерот Христијан Мицкоски за грижата за граѓаните. 
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски

Слично

Поврзани вести