ЃОРЃИ СПАСОВ: Обвинителството да испита дали можеби насилниците биле платени од некого за да предизвикаат таков инцидент
Еве на што реагира Спасов.
„Обвинителството не нашло за потреба да ни соопшти која е таа будала што удира и тепа некого за тоа што се пишал Бугарин. Се знаеле ли тие од порано. Имале ли некоја расправија. Дали се од истиот силеџиски слој.
Дали прашањето и насилството било мотивирано од сознанија на силеџијата дека оштетениот пред да се пише Бугарин учествал со знамиња и запалени факели на протести организирани од ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на македонскиот национален идентитет или можеби насилниците биле платени од некого да предизвикаат таков инцидент со цел да и наштетат на Македонија и да ги влошуваат македонско бугарските односи.
Нема ништо од тоа во соопштението од ОЈО Охрид. Има само едно прашање од некоја будала до оштетениот кое сега е сигурен доказ за насилство поттикнато од национална омраза. Токму тоа што го сака бугарската држава.
А работите се секогаш многу посложени од она што некој сака да го прикаже како целосна вистина.
Постојат пијани луѓе кои сешто зборуваат. Постојат насилници со меѓусебно нерасчистени сметки. И постојат служби кои за да докажат дека Бугарите во Македонија се загрозени, за вакви инциденти даваат пари. А некој сето тоа треба да го провери пред да објави и пресуди на брзина.
Секако дека треба да им се пресуди и на насилниците за никогаш да не им се повтори од било кои причини“, пишува Спасов на својот фејсбук профил.
