Ѓорѓи Галетановски си поднесе оставка како директор на скопската ЗОО
Ѓорѓи Галетановски ја информира јавноста дека повеќе нема да биде директор на скопската Зоолошка градина. Ваквиот епилог следува откако поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов загуби на локалните избори за Град Скопје од Данела Арсовска, по што се очекува кадрова промена на оваа позиција.
„Другарки и другари, сакам да ве известам дека денес поднесувам оставка од работното место директор на Зоо Скопје. Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки. Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех.
Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети.
Им благодарам на довербата што ми ја укажа екс градоначалникот Петре Шилегов , на сите медиуми, спонзори, донатори, здружениjа за животни, а највеќе на вработените во Зоо Скопје кои ги сакам како мое семејство и со чија помош успеавме да дојдеме на чекор до членство во ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми). Се надевам дека зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција“, напиша меѓудругото популарниот Чомбе.
