Ѓоргиева: Опозицијата ја болат успесите на новата реформска Влада
Пратеничката од СДСМ, Милева Ѓоргиева, денеска на расправата во Собранието за ребалансот на буџетот рече дека опозицијата „ја болат успесите на новата реформска Влада“.
Таа на колегите од ВМРО-ДПМНЕ им порача да не ја замајуваат јавноста со депонијата во Струга за која веќе се издвоени средства за решавање на проблемот.
„Пожарите постоеле и ќе постојат, надлежните го решаваат проблемот и ситуацијата е под контрола. Зарем заборавате на тоа што Дирекцијата за заштита и спасување изминатите години потрошила 13 милиони евра“ – изјави Ѓоргиева.
За задолжувањето вели дека новата Влада мора да ги враќа долговите на претходната.
Ѓоргиева кажа дека за изградбата на автопатиштата се проневерени 140 милиони евра и во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ изградени се само седум километри автопат.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев кажа дека целта е да се задоволат две основни популистички ветувања на СДСМ, а тоа се укинување на радиодифузната такса и обезбедување на средства за минимална плата.
За задолжителната минимална плата од 12.000 денари, пратеникот смета дека ќе направи дискриминација помеѓу стопанските субјекти и вработените.
Цуклев ја обвини власта дека не се грижи доволно за земјоделците, но и за луѓето кои деновиве се соочуваат со пожари.
Четврти ден се расправа за ребалансот на буџетот.
