Ѓорчев за Села: Го прашав која крвна група е за да биде се спремно за него во болница
Пратеникот oд ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, денеска сведочеше на рочиште за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села од 27 април лани во Собранието, при што кажа дека кога ги видел раскрвавените пратеници решил да застане пред нив и да ги брани.
Рече дека не видел кога бил повреден Села, ниту кој бил напаѓачот. Тој пред Судот додал дека претспоставил дека едно лице кое лежело со лицето на подот може да е Села, но се вратил назад да ги брани пратениците. Според него, еден од обвинетите во случајот, Александар Јаневски Тошта, бил еден од оние кои застанале на вратата од прес-салата за да спречи нови демонстранти да влезат.
„Бев со Никола Тодоров и со медицинска екипа кога отидовме да го видиме Села. Му реков „Ќе излеземе од овде Зијадин“. Го прашав која крвна група е за да биде сè спремно за него во болница, едвај ми кажа и јас ја запишав на дуксерот во кој беше преоблечен Села“- изјави Ѓорчев.
Обвинетите за обидот за убиство на Села претходно се изјаснија за невини.
Судењето ќе продолжи во четврток кога ќе се сослушуваат други сведоци предложени од одбраната.
