Ѓорчев пред Американците се пофалил дека расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, неколку дена е во работна посета на Соединетите Американски Држави, соопшти партијата. Таму се сретнал со претставници на Стејт депарментот, како и со Даниел Твининг, претседател на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) од Вашингтон.
Пратеникот разговарал и со Дејвид Костеланчик, новиот директор на одделот за Јужна и Централна Европа, заменик директорот Мајкл Константино, како и Џил Дитрих од канцеларијата за Македонија, кои ги информирал за актуелните политички состојби во Македонија.
На својот фејсбук профил пратеникот напиша дека имал добра и продуктивна средба во Стејт департментот.„На средбата ги информирав соговорниците за актуелните политички состојби во Македонија во повеќе области, како и растечкиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори на 12-ри април. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги развива силните билатерални односи на Македонија со САД, како и стратешкото партнерство базирано на договорот од 2008 година. Македонија ќе биде активна членка на НАТО алијансата, заедно со нашите сојузници од евро-атлантската заедница“,напиша Ѓорчев.
Додава дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува сериозна и конкретна програма за привлекување на инвеститори и нови фабрики на компании од САД во Македонија.
