Гинекологот од Шутка обвини дека ја местат со фалсификат
Сагата со доктор Вјолце Мбиара продолжува откако гинекологот од Шутка откри дека дописот наводно од American Hospital од Тирана е фалсификат и е испратен до повеќе македонски медиуми со цел да се затвори ординацијата и да и се нанесе штета со лажни тврдења.
Тврдењето го објавија повеќе македонски портали до кои стигнал наводниот допис од страна на American Hospital. Доколку навистина станува збор за фалсификат прашање е од каква мејл адреса било испратено писмото до медиумите, дали станува збор за службен мејл на American Hospital или е навистина во прашања злоупотреба и намерно рушење на угледот на доктор Мбиара за која се тврди дека никогаш не работела во оваа болница во Тирана.
Доктор Мбиара тврдеше дека дел од своето работно искуство го има поминато токму во American Hospital откако дипломирала на медицинскиот факултет во Тирана.
„Навистина ми е жал што мачам некого да работи упорно и да се занимава само со мене, но и тие мора да работат. Документот од Американсаката болница во Албанија што денеска беше објавен од некои медиуми, е чиста лага и голем фалсификат, а и аматерски. Генералниот директор седнал сам и го напишал ова писмо! Нели ви звучи малце чудно? Нормално е кога некој би се обратил до секторот за човечки ресурси во Американсата болница во Албанија за да добие точен одговор во врска со мојата работа и мојот стаж во оваа болница. Ама има уште нешто што е уште поважно, а тоа е за да се добие одговор треба некој писмен човек да побара информација врз основа на точни податоци, а не да бара информација за Vjölce MBIARA. Нормално е дека оваа личност со ова име и презиме не работела никогаш во оваа болница затоа што таква личност не ни постои. Ама ако би се обратиле со барање до човечки ресурси за Vjollce MBIARRA сигурно не би излегло така, како што е истакнато во тој фалсификуван документ.
Барам од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија или било која надлежна институција во РМ да истражи кој го испратил овој тенденциозен документ до медиумите во Македонија, документ со кој се нарушува моите достоинство и личен интегритет. Сметам дека со тоа ни се прави притисок за да ја затвориме приватната ординација што побрзо. Сметам дека на некој или некои им пречи што отворив приватна здравствена установа Д-р Вјолце во Шуто Оризари и дури сега сфаќам зошто толку време немало гинеколог во таа населба. Кој има огромен профит од недостаток на гинеколог во Шуто Оризари много едноставно може да откриете. Многу почовечки и пофер ќе беше ако уште од старт некој ни побараше да не отвориме гинеколошка ординација во таа населба наместо вака на кукавички начин секојдневно да ни прават психички и медиумски притисок за да заминеме самите од Шуто Оризари после толку голема инвестиција од временски и финансиски аспект“ вели Мбиара за Плус Инфо.
Инаку доктор Вјолце Мбиара беше ангажирана од министерството за здравство по иницијатива на министерот Арбен Таравари како решение за жителите на општина Шуто Оризари кои со години немаа гинеколог на располагање, но нејзиниот ангажман подоцна беше често проблематизиран.
