Ги затоплува ли ВМРО-ДПМНЕ односите со дипломатите - Бејли со честитка до Мицкоски
Дали ВМРО-ДПМНЕ ги прави првите чекори за затоплување на односите со дипломатите. Ако во текот на декември од ВМРО-ДПМНЕ беше издаден проглас кој Груевски решително го прочита пред ДИК во клучните моменти за решавањето на приговорите за прегласување што значително фрли лоши искри, сега имаме потег кој укажува дека сојстојбите на конфронтации и остар тон мора да се надминат.
Ваквите почетни заклучоци ги извлекуваме од честитката која американскиот амбасадор Џес Бејли ја упати до Христијан Мицкоски новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а истата е објавена и на веб страната на партијата.
„Честитки за Вашиот избор за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Вашето стапување на оваа важна функција доаѓа во време на голема можност за напредок на Македонија во насока на аспирациите за безбедност, просперитет и инклузивна демократија, целосно интегрирана во НАТО и Европската Унија. Како најголема опозициона партија во Собранието, го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да игра конструктивна улога во зајакнувањето на демократските процеси и владеењето на правото, како и унапредување на односите со соседите“, стои во честитката на Бејли.
Американскиот амбасадор исто така додава дека се надева на продолжена со Македонија како со владата, така и со опозицијата, во врска со сите напори кои се од огромно значење, како и соочување со глобалните закани како тероризмот.
„Се надеваме дека во 2018 година ќе изградиме уште посилни односи помеѓу нашите две држави“ му напишал Бејли на Мицкоски.
Ако се навратиме наназад, отприлика пред еден месец токму Мицкоски во гостувањето на Фактор Магазин, истакна дека новиот претседател на партијата треба да исполнува три услови, меѓу кои и да биде прифатен од меѓународната заедница за подобрување на односите и позициите кои ВМРО-ДПМНЕ претходно ги имаше.
Ова секако, е добар знак за партијата која под водство на новиот лидер мора да преземе повеќе промени во начинот на кој делува и да одржува дијалог како со дипломатите со сета почит и умешност која е потребна во ваквиот вид на односи, како и за своите позиции со на пример сестринските европски партии кои исто така во последните неколку месеци упатуваа критички пораки за лошите потези на раководството на Груевски.
Од друга страна пак, Мицкоски треба да биде и доста внимателен во контактот со Бејли или било кој друг амбасадор кон кого истакнати членови и активисти на партијата имаа јавно и јасно изразени негативни мислења, да не потсетуваме на терминот „Чадор“ и сите други теории на заговор, обвинувања, па дури и навредливи зборови. Во ваков момент Мицкоски може од тврдокорната група на членови и симпатизери на партијата да биде прогласен за „колаборационист со странците“, наместо како што тие очекуваат „патриот“ кој ќе оди сам против сите во заштита на историските македонски вредности и закани од сите страни, но секако ВМРО-ДПМНЕ мора да оди напред и да не потпаѓа на веќе видените сценарија за провокации кои не им носат ништо добро.
